Целосна имплементација на принципот за добро владеење, интегритетот и решително и ефикасно справување со корупцијата се клучни за постигнување на економски раст и развој, конкурентност, подобар квалитет на живот за граѓаните и поповолна средина за бизнисите, оцени заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, на денешната завршна конференција во рамките на проектот „Следење на националните активности во борбата против корупцијата”, во организација на Институтот за човекови права и Амбасадата на САД во земјава.
„Владата на Република Северна Македонија е цврста во определбата да изгради ефикасен систем во справувањето со корупцијата, во сите нејзини облици. Мораме да се согласиме дека од 2017 до денеска постигнат е одреден напредок, но тоа не е доволно. Има уште многу работа пред нас”, оцени вицепремиерката Грковска.
Таа информираше дека Планот за работа на Кабинетот за политики за добро владеење почива на три столба – дигитална трансформација на општеството, транспарентно и ефикасно функционирање на институциите и креирање на антикорупциски политики, при што нагласи дека дигиталната трансформација на општеството е клучна и за справувањето со корупцијата, бидејќи електронското водење на сите процеси во државата значајно ќе го намали субјективниот пристап и можноста за коруптивни елементи.
„Транспарентноста на институциите е клучна во искоренувањето на корупцијата. Граѓаните мора да знаат каде се трошат јавните пари и какви одлуки се носат во нивно име. За таа цел работиме на унапредување на транспарентноста на институциите, на тој начин што подготвуваме листа на информации кои мора да бидат објавени, без граѓаните да имаат потреба да поднесуваат посебни барања. Оваа мерка е само преоден чекор кон крајната цел што треба да ја постигнеме, а тоа е создавање на законски услови за целосно отворање на институции, односно сите информации да бидат достапни за јавноста освен оние што имаат карактер на класифицирани информации. Затоа што институциите имаат обврска да бидат одговорни, транспарентни и отчетни и во секој момент да даваат извештај за своето работење, а особено за тоа како ги трошат парите од Буџетот”, рече Грковска.