Грковска: Само со политички консензус и зрелост кај сите партии може да воспоставиме цврст систем заснован на заслуги

од Nikola Popovski
142 прегледи

Во организација на кабинетот на заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, со поддршка на Меѓународната фондација за изборни системи (IFES), денеска се одржа тркалезна маса на тема: „Преглед на законската рамка и праксата во назначувањето директори и раководни лица: предизвици и можни решенија”. На настанот беше презентирана истоимената анализа на истражувачот Миша Поповиќ, која покрај прегледот на правната рамка и практиките за уредување на процедурите за назначување раководни лица, содржи препораки за надминување на слабостите.

Во изјава за медиумите пред почетокот на настанот, вицепремиерката Грковска истакна дека за ова прашање мора да има политички консензус и дека е потребна политичка зрелост кај сите политички партии, без разлика дали се во опозиција или на власт, затоа што тоа е за доброто на државата.

„Човечките ресурси, особено тие кои се и компетентни, професионални, и со вградени вредности на интегритет и одговорност не се неограничени. Напротив. Токму затоа, мора да создаваме услови и атмосфера во која тие нема да бидат лишени од можноста да напредуваат и да раководат со институции, а не да ги напуштаат или да ги сметаат за неатрактивни за работа од аспект на нивниот професионален и кариерен развој. Затоа е важно воспоставувањето на цврст систем заснован на заслуги. На тој начин јавниот сектор ќе може да ги привлече, но и да ги задржи компетентните лидери, кои со своето раководење ќе придонесат за ефективна и ефикасна работа на институцијата, претпријатието, или која било организација”, истакна вицепремиерката Грковска во своето воведно обраќање и додаде дека клучна цел на именувањата во раководни структури во јавниот сектор треба да биде овозможување подобри услуги за граѓаните.

Осврнувајќи се на наодите од анализата, вицепремиерката Грковска додаде дека правните празнини и дилеми, како и дискреционите овластувања, несомнено се ризик за интегритетот и за назначувањето засновано на заслуги во рамки на раководната служба. Лоцирањето на слабостите во правната рамка на ова поле мора да води кон конкретни реформи во насока на подобрување на транспарентноста и објективноста при назначувањата, за да се зајакне довербата на граѓаните во институциите и во системот во целост.

На настанот се обрати и Јоана Косма, директорка на IFES во земјава, со чија поддршка беше изработена анализата за законската рамка и праксата во назначувањето директори и раководни лица, а по презентацијата на Миша Поповиќ, свои согледувања на темата споделија Драган Малиновски и Константин Битраков.

Слични содржини