Грковска во грчката Национална школа за јавна администрација: С. Македонија е посветена на реформите

од Nikola Popovski
197 прегледи

Во рамки на работната посета на Атина, Република Грција, заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска имаше работен состанок со заменик-претседателот на Националната школа за јавна администрација на Грција, Василис Егзархос.

Вицепремиерката Грковска го истакна значењето на административниот систем во една држава, кој, од една страна, треба да е на услуга на граѓаните, а од друга, треба да е носител на реформските процеси. Во таа насока, додаде таа, Северна Македонија е посветена на реформите кои ќе го зајакнат административниот капацитет на државата, имајќи предвид дека иако во администрацијата има превработеност, сепак има недостаток на стручни кадри.

Егзархос информираше дека главниот фокус на Националната школа за администрација се обуките на јавната администрација, кои се усогласени со описот на работните задачи што конкретниот административец ги извршува. Тој предложи, во соработка со македонските власти, заеднички да работат на обуки на администрацијата преку твининг програми на Европската Унија, кои се наменети за држави кои не се членки на Европската Унија.

На средбата се разговараше и за реформите што Грција ги спроведува во однос на високораководната служба во јавната администрација, кои ќе бидат висококвалификувани јавни службеници.

Вицепремиерката Грковска нагласи дека мора да се работи на јакнење на вештините, на интегритетот и одговорноста кај административните службеници, но и на нивно обучување во делот на дигитализацијата, за што искуството и праксата на Грција може да биде од значајна корист. Таа информираше дека нашата држава во моментов работи на подготовка на целосно нови законски решенија за административни службеници, за вработени во јавен сектор, како и за високораководна служба, од кои се очекува да обезбедат зајакнување на мерит системот при вработувањето во јавната администрација.

Слични содржини