Законот за потекло на имот ќе се донесува внимателно затоа што областа е осетлива и треба да се слушнат мислења за различни аспекти за да бидеме сигурни дека имаме одржливо решение кое може да се имплементира, изјави Славица Грковска, заменик-претседателка на Владата задолжена за политики за добро владеење во Дневникот на ТВ Сител
-Станува збор за обид за креирање закон за потекло на имот вон кривична постапка. Тоа што ми е важно во креирањето политики е да бидат внимателни, долго одржливи решенија коишто ќе бидат апликативни. Нам не ни треба само уште едно законско решение кое може да има преклопување со други законски решенија, кое може да биде дополнително извор за корупција, па сакајќи од еден аспект да решиме една корупција, да произведеме систем кој ќе предизвикува десет други. Затоа на мојата прва средба со работната група ги кажав моите забелешки на законот, затоа што недостигаше превентивниот дел – дека граѓаните треба да бидат свесни дека треба да бидат насочени кон легално стекнување на имотот затоа што во секој момент би можело не само да им биде одземен, туку не смее да биде алатка на некого за рекетирање и да уценува некого, рече Грковска.
Не прецизираше кога може да се очекува донесувањето на законот кој, рече, ќе да оди на широки јавни расправи, не само во Собранието. Притоа напомна дека и со сегашната легислатива може да се постапува против функционер кој нелегално или несоодветно стекнал имот.