Грковска загрижена поради укинувањето на пресудата за „Таргет-Тврдина“: Апелациониот суд да ги соопшти причините

од Nikola Popovski
189 прегледи

Заменик на претседателот на Владата задолжен за политики за добро владеење, Славица Грковски изрази големо незадоволство од одлуката на Апелациониот суд за укинување на пресудата за случајот „Таргет-Тврдина“ и масовното незаконско прислушување во УБК.

Таа посочи дека „со голема доза на загриженост ја примила информацијата“.

-Уште позагрижувачки се информациите дека, поради неажурното одлучување на судиите, можно е застарување на делото кое значи повреда на основните уставно загарантирани човекови права. Апелациониот суд има обврска пред граѓаните, транспарентно и детално да ја образложи оваа одлука, за која има сомнеж дека не оди во правец на владеење на правото и еднаквост пред законот, побара Грковска.

Во повеќе наврати кажав и сакам да повторам, додава вицепремиерката, дека независноста на правосудниот систем не значи немање никаква одговорност.

-Го повикувам Апелациониот суд во името на правдата и во името на одговорноста пред граѓаните да ги соопштат причините за оваа одлука, потенцира Грковска.

Апелациониот суд Скопје при разгледување на побивата пресуда констатираше дека првостепениот суд при постапувањето по овој предмет сторил суштествени повреди на одредбите од Законот за кривичната постапка кои се од апсолутен карактер, а на кои овој суд внимава по службена должност, со што се доведе во прашање фактичката состојба и правилната примена на Кривичниот законик, стои во соопштението од Апелациониот суд.

Вкупно 55 години затвор и 10 години условен затвор за 11 лица определи Основниот кривичен суд во Скопје за обвинетите за предметот „Таргет-Тврдина“.

На поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков Судот му изрече казна затвор од 12 години за кривично дело „злосторничко здружување“, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „примање награда за противзаконито влијание“.

Скандалот за масовното прислушување во јавноста го обелодени лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на 9 февруари 2015 година, преку проектот „Вистината за Македонија“. Вкупно беа објавени 38 бомби. Без судски налог прислушувани биле 4.614 корисници на телефонски броеви во период од шест години, меѓу 2008 и 2015 година.

Слични содржини