Аналитичарот и металуршки инженер Виктор Грозданов во последната колумна „Еко (ру)силници“ порачува да се вложува во рудниците за да се осигура нашата економска иднина и притоа предност да се дава на партнерите од НАТО Алијансата, особено што можеме да развиваме репро материјали кои се користат во наменската (воена) индустрија.
Спред него, нема полошо од приучен човек кој за личен бенефит глуми нешто за што нема „тапија“. Тој додава дека денес во Македонија има инфлација на такви глумци во речиси сите општествени сфери, односно политичари, аналитичари, НВО активисти, коментатори, пара-здравствени експерти, ловци на шпиони, фанатици, кои без око да им трепне застапуваат застрашувачки тези кои на среден и долг рок прават ненадоместливи штети. Грозданов додава дека такви се и неколкумина самонаречени еко активисти од Струмичката Котлина кои немаат соодветно образование за тоа што го застапуваат и го бранат, односно во случајов здрава животна средина – екологија.
-За да зборувате на оваа тема се подразбира дека е логично да имате стручна наобразба и познавање од: Фармација, Земјоделие, Машинство, Петрохемија, БиоХемија, Полимери, Металургија, Текстил итн. Со било кој ваков тип на образование знаеш како загадуваш и како тоа да го спречиш, пишува Грозданов.
Аналитичарот нагласува дека овие еко-активисти покажуваат нервоза, бидејќи, како што додава, плановите на нивниот налогодавач се прочитани и полека но сигурно ги напуштаат оние кои сега разбираат дека ги ставале во заблуда за лична корист. Грозданов се осврна и на последните напади упатени кон новинарот Александар Чомовски и поранешниот амбасадор Јован Донев, кои јавно изразија сомнежи за позадината на одлуките кои ја попречуваат реализацијата на рудникот за бакар во Иловица, како и за искреноста на еко-активистите.
-Сега на сите им е јасно која е целта на ЕКО (РУ)СИЛНИЦИТЕ. Тоа е следново: сакаат да ја исцрпат и уништат на економски план Македонија, а со посебен аспект на куповната моќ на обичниот граѓанин; работат за одреден Центар на Моќ кој не и мисли ништо посебно добро на Македонија во геополитичка и економска смисла, истакнува Грозданов.
Според аналитичарот, негова цел е да ја објасни вистината поврзана со рударството.
-Паметните луѓе се будат и почнаа на глас да размислуваат; Паметните луѓе велат: Рудното богатство кое е 20 милијарди евра (првично најдено) е на сите граѓани на Македонија кое заедно со металургијата се проценува да достигне до 70 милијарди евра; Паметните луѓе му посакуваат на рудникот со отворен коп Неметали „Огражден“ да го зголеми производството од денешните 40.000 тони Фелдспат и Калцит на 80.000 тони годишно; Паметните луѓе им велат на граѓаните дека рудниците со отворени копови не создаваат прашина која загадува во било кој регион (Радовиш-Конче или Струмичко-Валандовски) од едноставни причини: Во прашината е целиот метал и нема таков металург кој би ја пуштил во поле, а од друга страна тоа е возможно само ако низ овие региони помине ураган со силина на „Катрина“ која го уништи Њу Орлеанс и ако Струмица и Радовиш се пристаништа на Атлантски океан; Паметните луѓе им велат на граѓаните, знаеме дека Ви се закануваат по живот и тоа физички или пак економски (да Ви ги уништат полињата со земјоделските производи); Паметните луѓе им велат на граѓаните безбедносните агенции ќе или веќе ги известиле за односот на насилниците и нивната заштита од Центарот за Моќ, заклучува Грозданов.