Со цел да привлече туристи и да спречи туристичкиот сектор да стагнира втора сезона по ред, Грција е подготвена да користи ковид-пасоши пред ЕУ официјално да ги пушти на пазарот на први јули.
Минатата недела Советот на Европа и Европскиот парламент се согласија за употреба на ковид-пасоши, односно дигитални зелени сертификати, а Европскиот парламент се очекува да донесе закон за нивна употреба на пленарна седница во втората недела од јуни, кој треба да започне на први јули.
Повеќе од десетина земји на ЕУ, вклучувајќи ги и Франција и Шпанија, се согласија да го тестираат системот за ковид-пасош пред неговото стартување.
Грција беше меѓу првите кои се залагаа за употреба на ковид-пасоши за да се намалат ограничувањата на патувањето и конечно да се оживее туристичкиот сектор и да се помогне земјата да се извлече од кризата.
„Грција е подготвена да започне со употреба на дигиталните сертификати пред први јули“, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на презентацијата на ковид-пасошите во петокот, повикувајќи ги земјите-членки да ги испочитуваат роковите за полесно патување во текот на претстојната летна сезона.