Просветните работници во Грција, кои одбиваат да се вакцинираат или редовно да се тестираат на ковид-19 пред да се вратат на часови, ќе се соочат со намалување на платата и други дисциплински мерки во согласност со заедничката министерска одлука што се подготвува, објави грчкиот весник „Катимерини“.
Според неименувани извори, новите прописи изготвени од грчкото Министерство за образование, со цел да се обезбеди безбедна академска година во училиштата и универзитетите од септември, се однесуваат на сите администратори и наставници, кои се вработени на неопределено време и под договор.
Според овие одредби, покрај намалувањето на платата, персоналот кој е постојано вработен, исто така, може да биде суспендиран од должност и да остане без плата до вакцинација, додека на привремениот персонал ќе му бидат суспендирани договорите.
Вработените, исто така, ќе се соочат со губење на поени во согласност со системот за бодување на државната служба, што ќе влијае на нивните изгледи за унапредување или вработување.