Грција прослави 200 години од почетокот на борбата за независност: На церемонијата и принцот Чарлс!(ФОТО/ВИДЕО)

од Stefanija Kuzmanovska

Грција прослави 200 години од почетокот на својата борба за независност од Отоманската империја со церемонија што требаше да означи нов почеток по финансиската криза, но мораше да биде поскромна поради ограничувањата кон коронавирусот.

Принцот Чарлс, наследникот на британскиот престол чиј татко Филип е роден на Крф како дел од грчкото кралско семејство и рускиот премиер Михаил Мишустин присуствуваа на овогодишната парада на Денот на независноста.

Францускиот претседател Емануел Макрон не се појави поради затворањето на некои делови на Франција во пандемија.

Кратко по преземањето на власта во 2019 година, конзервативната влада на премиерот Кирјакос Мицотакис објави дека прославата ќе биде симбол за враќањето на Грција по децениската финансиска криза, која остави без работа половина од младите Грци и изгони околу половина милион луѓе во странство.

Поздравувајќи ја отпорноста на грчкиот народ за време на „очајно тешките години“ на економската криза, принцот Чарлс рече дека светот сега треба да се обнови по коронавирусот, кој ја врати Грција во длабока рецесија.

„Можеби можеме да извлечеме инспирација од храброста, одлучноста и амбицијата од 1821 година“, додаде тој.

Државната телевизија го емитуваше обраќањето на американскиот претседател Џо Бајден до Грците, кој рече дека односите меѓу Грција и Соединетите држави ќе бидат поблиски од кога било.

„Нашата заедничка посветеност на слободата, човековите права и владеењето на правото е она што не овластува да пишуваме за сопствената иднина, без разлика дали пред 200 години или денес“, рече Бајден.

Слични содржини