Република Горна Македонија е новото име кое Грција го предложи во спорот со Поранешната Југословенска Република Македонија (БЈРМ), објавија медиумите во Грција и Бугарија цитирајќи локални извори

Пред речиси две недели,интензицвни преговори посредникот на ОН Метју Нимиц предложил неколку опции за името: Република Нова Македонија; Република Северна Македонија, Република Горна Македонија; Република Вардарска Македонија и Република Македонија (Скопје).
За Атина, Горна Македонија е споен збор (ГорнаМакедонија) и словенски изговор кој не звучи како грчки регион на Македонија.
Според истиот извор, Скопје првично побарал името да биде Република Нова Македонија , додека Грција инсистираше на тоа дека соседот ќе се вика Република Вардарска Македонија.
Третиот избор на Нимиц – Република Горна Македонија, бил одобрен од двете страни.
Грчкиот весник Ефимерида тврди дека , Нимиц на маса ќе го стави името Република ГорнаМакедонија, споено и без превод на англиски. Притоа се тврди дека името ќе се изговара како еден збор, за да не се користи само терминот Македонија.
Ефимерида тврди дека двете страни всушност постигале согласност за се, односно дека наскоро ќе се потпише договор за името, промени во уставот на земјава, но и обврските за Грција во следниот период.
Во договорот експлицитно ќе е наведено дека БЈРМ ќе го промени уставот и спорните членови во одреден временски период, за да до 20-ти март истиот биде депониран во Обединетите Нации. Истиот извор наведува дека земјава ќе се претвори во ,,еден вид кантон‘‘ на Грција со посебни развојни клаузули, економски и комерцијални врски.
Разговарано е и за црквата, која според Ефимерида ќе се нарекува, Охридска Архиепископија.
Новинарите кај јужниот сосед ги пренесуваат изјавите на медијаторот и шефот на грчката дипломатија по вчерашната средба и коментираат дека Нимиц од Атина заминува за Скопје, каде што ќе разговара за неговите, но и за грчките предлози и идеи.
– Задржувајќи ја доверливоста на содржината на разговорите, министерот за надворешни работи Никос Коѕијас и специјалниот претставник на ОН, Метју Нимиц, нивната средба во Атина ја карактеризираат како „креативна и продуктивна“, а јавно се согласија дека прашањето за името на ПЈРМ веќе е созреано кон решение – пишува весникот „Нафтемборики“
За средбата на Нимиц со шефот на грчката дипломатија, реагираа од опозициските партии во Грција.
Од Нова демократија, како што вчера објави МИА, преку изјава на одговорниот за надворешна политика, кој се сретна со Нимиц, велат дека средбата не ја намалила загриженоста на партијата.
– Решението треба да биде едно и неделиво и да предвидува: прво, елиминирање на сите форми на иредентизам од соседната земја. Второ, име прифатено од Грците и трето усвојување на име за севкупна употреба и од сите. Очигледно е дека единствена гаранција за сѐ ова е промената на скопскиот Устав – рече Јоргос Кумуцакос по средбата со медијаторот Нимиц.
„По повод посетата на господинот Нимиц и предлозите што ги соопшти Коѕијас, се покажува неопходно прифаќање на предлогот на Фофи Генимата за итно свикување на советот на лидерите на политичките партии под претседателот на државата“, на твитер реагираше портпаролот на ПАСОК, Павлос Христидис.
Од Комунистичката партија на Грција, велат дека изјавите на Нимиц се обид да ја „разубават ситуацијата во скопското прашање, а моментумот за решение не е ништо друго освен брзање за интеграција на соседната земја во НАТО“
„Во исто време се деградираат прашањата како она што се однесува на промена на Уставот и што претставува основа за хранење на иредентизмот и национализмот“, коментираат од грчката комунистичка партија.
За промена на Уставот говорат и од партијата Сојуз на централисти во нивното соопштение.
„Господинот Ципрас се подготвува за решение на скопското прашање со отстапување на зборот „Македонија“ во сложен облик, без промена на Уставот, ограничувајќи се на едноставните изјави на функционери од Скопје, дека немаат аспирации од Грција“, соопштуваат од Сојуз на централисти.
Од радикално националистичката Златна зора, упатуваат остри критики до Нимиц, но и погрдни зборови кон Македонците.
– Антигркот Нимиц, кој се осмели да ги нарече Македонци, е непожелен во Грција. Неговите предлози, што сите го содржат терминот „Македонија“ се непристојни и национално неприфатливи – рече Илијас Касидијарис, пратеник од Златна зора.
Медијаторот Нимиц денеска ги започнува разговорите во Скопје.
Изворите покажуваат дека договорот ќе биде доставен до ОН до 20-ти март.