Во Грција започна учебната година, но учениците мора, доколку не се вакцинирани, да платат за тестовите за коронавирус, а таа мерка важи и за невакцинираните вработени во земјата.
Почетокот на учебната година се совпаѓа со стапување во сила на новите принудни мерки за невакцинирани лица, почнувајќи од 12-годишна возраст.
Грчките власти воведоа задолжителен тест за коронавирус, кој мора да го платат невакцинираните граѓани, без разлика дали се вработени во јавниот или приватниот сектор, како и учениците и студентите и корисниците на јавниот превоз. Тестот е задолжителен и за влез во затворени јавни места.
Тестовите чинат од десет до 60 евра.
Вработените кои не се вакцинирани ќе треба да имаат негативен тест еднаш неделно, додека просветните работници, студентите и учениците на возраст над 12 години ќе треба да се тестираат на коронавирус двапати неделно.
Во Грција за првпат се воведува право работодавачот да знае кои вработени се вакцинирани, а на кои им треба тест.