Грција веќе пет дена гори. Повеќе од 150 пожари предизвикани од најсилниот топлотен бран во последните 30 години досега проголтаа илјадници хектари шума и принудија илјадници луѓе да избегаат. Беа регистрирани првите смртни случаи, шест области беа ставени во состојба на готовс поради пожарот што излезе од контрола. Тешко е во главниот град на земјата, но и на островите.
Уште една непроспиена ноќ за жителите низ Атина. Под црвеното небо, некои помагаа на стотици пожарникари и војници, илјадници чекаа да бидат евакуирани поради пожарот на планината Парнит.
Грчкиот премиер Кријакос Мицотакис утрово и се обрати на нацијата.
„Ги уверувам сите погодени од пожарите дека тие се мојот приоритет. Целото опожарено земјиште ќе се пошумува и ќе го смениме пристапот за заштита од поплави и пожари“, рече тој.
Жителите на Лимни синоќа добиле наредба за евакуација, а околу 1.300 од нив со чамци се префрлени во безбедни области, објави „Грик рипортер“.
Стотици луѓе, вклучително и бебиња и постари лица, биле пренесени со траект и префрлени во североисточниот крајбрежен град Аидипсос, каде што ја поминале ноќта.
Еден од неколкуте пожари што беснеат низ Евија, синоќа повторно го зафати крајбрежниот град Дафни, кој се наоѓа во близина на главниот град Халкида.
Пожарот, кој неколку пати се приближи до Дафни, синоќа за првпат создал сериозна закана за градот.
Пожарникарите кои беа заробени во областа поради прекини во сообраќајот, се безбедно евакуирани.