Груби: ДУИ може да коалицира со ВМРО-ДПМНЕ ако ги прифатат уставните измени

од Vladimir Zorba
285 прегледи

Доколку не се усвојат уставните измени парламентарните избори ќе се одржат во редовниот термин и ќе се примени одлуката за 100 дена Албанец премиер, а кој ќе биде таков премиер ќе одлучи лидерот на ДУИ Али Ахмети, чии одлуки се најдобри за граѓаните што е докажано многупати досега, порача првиот вицепремиер Артан Груби.

-Засега остануваме на ставот за 100 дена премиер Албанец, освен ако ВМРО-ДПМНЕ не ги гласа уставните измени, тогаш ќе се откажеме. Во договорот за коалицирање со СДСМ стои дека кандидатот за премиер Албанец траба да биде предложен од страна на ДУИ, од страна на господинот Ахмети. Неговите одлуки за државата секогаш биле добри и сите граѓани виделе добро од нив, рече Груби во интервју за ТВ Канал 5.

Нагласи дека најдоброто нешто за земјава во овој момент е премиерот Димитар Ковачевски и додаде дека не е точно оти ДУИ ги држи „сите конци“ во Владата.

-Не е точно дека ДУИ ги држи сите конци во Владата. Димитар Ковачевски во овој момент е најдоброто нешто за оваа држава, нема никакви предрасуди и сметам дека би бил многу добар да ја повлече Република Северна Македонија кон Брисел, посочи Груби.

За Бугарија рече дека може да има нови барања за земјава во пристапниот процес само во однос на преговарачката рамка, но не и по основ на историјата.

Истакна дека во ДУИ имаат црвени линии за коалицирање со оние што не го почитуваат Охридскиот рамковен договор и што се против евроатлансктие интеграции на земјава. Не ја исклучува можноста да коалицираат со ВМРО-ДПМНЕ доколку ги прифатат уставните измени пред изборите или веднаш по изборите.

-Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ќе ги гласаат уставните измени по изборите, но ниту еден од нашите стратешки партнери не верува во тоа. Да бидам брутално искрен освен нас никој од стратешките партнери не верува дека доколку има избори ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа за уставни измени, рече Груби.

Очекува на следните избори да победи проевропскиот фронт без разлика дали ќе одат со СДСМ со заеднички листи или не и додаде дека очекува победа на ДУИ во албанскиот блок.

Слични содржини