Груби избега со дипломатско возило: „Државата треба да испрати протестна нота до Косово и да побара објаснување од страна на самиот конзул“

од Nikola Popovski
129 прегледи

Дали дипломатскиот пасош и дипломатските таблички му помогнаа на екс-вицепремиерот Артан Груби да побегне од државата? Ваква дилема се поставува во јавноста откако почесниот конзул на Косово во земјава и бизнисмен, Арсим Папранику беше споменат како лицето кое го возело Груби до граничниот премин „Блаце“ од каде што ја напуштил Македонија и заминал за Косово. Тоа се случило речиси непосредно пред полициската акција и претресот во домот на поранешниот вицепремиер и функционер на ДУИ.

Доколку се утврди вина кај бизнисменот кој ужива дипломатски статус, тогаш се поставува прашањето кој се добива дипломатски пасоши во земјава и како вакви случаи да се сопрат во иднина.

Дали по прашањето на дипломатски пасоши владее хаос?

Според дел од дипломатите, според законот и одредбите според кои ориентира и претседателот на државата, секој актуелен и поранешен амбасадор има право на дипломатска правна исправа. За поранешните амбасадори, тоа е еден од ретките приоритети бидејќи други не постојат.

-Кога сте носител на таква исправа, должни сте да ги почитувате правата, Кривичниот законик и граѓанските права во државата во која живеете, но и меѓународните. Секоја злоупотреба е исто како да направите злоупотреба како носител на лична исправа. Знаеме дека луѓето носат лична исправа, но, кога ќе се огрешат пред законот, мора да се сносат одредени санкции од правосудните органи. Со оглед дека тука се помешани правни и политички аспекти, она што државата може да направи е прво со протестна нота да реагира до Косово и да побара објаснување од страна на самиот конзул дека тоа се недозволени форми на користење на една таква патна исправа, вели професорот и поранешен амбасадор во НАТО, Нано Ружин во разговор за „Локално“.

Нано Ружин

Како што истакнува, Папранику е всушност носител на патна исправа на Косово со дипломатски статус, издадена од приштинските власти.

-Тука не е консултирано нашето МНР, со оглед дека не издале патна исправа на овој господин. За вакви работи одговорна е матичната држава која што го испратила тука. Бидејќи господинот нема македонски дипломатски пасош, според она што го знам, МНР нема никакви ингеренции. Тоа е повеќе прашање за соседната држава. Како ќе комуницираат, исто така е прашање на дипломатска стратегија, политичка реакција, политички принципи, дипломатски принципи…

Ружин посочува дека во нашата држава нема луѓе или носители на дипломатски исправи, „барем мислам на поранешни амбасадори, па и сегашни, односно многу е ретко да се злоупотребува овој документ“. Соговорникот тврди дека дипломатскиот пасош ви дава само некаков приоритет кога ја поминувате границата, во случај кога не постои посебен влез за дипломати.

-Ако постои посебен влез, тогаш се поминува таму. Доколку нема, има приоритет да се јави на граничната полиција или органите, за да го пропуштат доколку има голема гужва. Инаку коректно е ако се пред вас 4,5 возила, да сочекате десетина минути. Ова прашање треба да се постави до косовските власти, укажува Ружин.

Дипломатскиот и службениот пасош се исправи кои се издаваат на носител на јавна функција, државен службеник и работник во државните органи, заради обезбедување на нивна заштита при патување во странство за извршување на службените задачи, во согласност со меѓународното право. Дипломатскиот и службениот пасош може да се користи само ако има виза.

Дипломатски пасош се издава на избрани и именувани лица, раководни државни службеници и раководни работници во државни органи, на дипломатско-конзуларни службеници вработени во Министерството за надворешни работи или упатени на работа во дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија во странство, на воени претставници и претставници на безбедносните органи на Република Македонија во странство кои имаат дипломатски статус, на лица кои со одлука на Владата на Република Македонија заминуваат на работа во меѓународни организации во својство на функционери со дипломатски ранг во тие организации, на дипломатски курири, на членовите на потесното семејство или на вонбрачната заедница на лицата кои се упатени на работа во дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија во странство, кога истите живеат со нив во заедничко домаќинство во странство во време на дипломатската мисија.

Барањето за издавање на дипломатски и службени пасоши и визи, со комплетна документација за носител на јавна функција, државен службеник или работник во државен орган се доставува до Министерството за надворешни работи најдоцна седум дена пред реализација на службеното патување во странство, односно пред истекот на рокот на важност на дипломатската или службената виза.

Барањето за издавање на дипломатски и службени пасоши и визи се потпишува од страна на функционерот кој раководи со државниот орган, неговиот заменик или од негова страна овластено раководно лице.

Меѓународното законодавство не е богато со правно регулирање на прашањата за имунитетот и заштитата на дипломатите, освен со Виенската конвенција за дипломатски односи и делумно со Виенската конвенција за конзуларни односи. Според чл. 31 од Виенската конвенција, дипломатот има имунитет од кривично гонење, како и од цивилното и административнато казнено право во државата која е акредитиран. Но тој имунитет не го штити дипломатот од кривична одговорност во државата од која доаѓа. Според чл. 32, државата во која е акредитиран дипломатот може со еднострана одлука експресно да му го одземе имунитетот. Според чл. 42 дипломатот не смее да одржува друга професионална или комерцијална активност.

 

Груби и Перпарим Бајрами и официјално станаа бегалци, барани со меѓународна потерница. Фотографиите, заедно со податоците на двајцата осомничени во случајот „Лотарија“, за проневера на околу осум милиони евра се на официјалната страница на МВР.

Јавното обвинителство достави барање до МВР за распишување потерници, откако Основниот кривичен суд за Груби и Бајрами одреди мерка притвор од 30 дена.

Од ВМРО-ДПМНЕ со апел до ДУИ и СДСМ, да го осудат бегството на поранешниот вицепремиер кој се наоѓа на американската црна листа и да го повикаат да се врати.

„Срамно е како Груби се обидува да се пазари со судот дали да оди во притвор или не. И покрај тоа што е свесен за криминалите кои ги направил, и покрај тоа што е препознаен меѓународно како корумпиран и криминалец, тој сепак сака да се пазари со правдата“, рече Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ одговорноста за бегството на Груби ја префрла на МВР. Од партијата велат дека полицијата целосно потфрлила во акцијата за спречување на Груби да ја напушти државава. Изразуваат сомневање дека неговото бегство било договорено.

Министерот Панче Тошковски, претходно информираше дека за „Лотарија“ се поднесени кривични пријави против осуммина, меѓу кои и за поранешен премиер. Димитар Ковачевски тврди дека работел според законот и согласно процедурите.

Обвинителството појасни дека за Ковачевски и Димовски, пријавите се за други дејствија во друг временски период и дека проверките продолжуваат.

Н.П.

Слични содржини