По вчерашните бурни реакции на прославата на роденденот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети во просториите на Министерството за политички систем и односи со заедниците, каде беа забелажни 15 функционери без маски и протоколи за заштита од Ковид, денес повторно се огласи Артан Груби.
Имено, тој во изјава за 360 степени, денес вели дека сите кои се на фотографијата се подготвени да ја преземат одговорноста, и ги повика институциите да постапат според законот и вклучувајќи го и него сите присутни да се санкционираат.
„Реакциите на јавноста за сликата без маски се оправдани и сметам дека згрешивме за миг и со објавувањето на истата се испраќа погрешна порака на сметка на потребата за носење лична заштита. Покрај грижата за своето лично и семејно, заедно со јавното здравје, ние сме посветени како избрани претставници да бидеме пример и да предводиме со дела во сè што правиме. Жалам што во оваа инстанца не бевме на висината на оваа наша посветеност. Затоа преземаме целосна одговорност, спремни сме да ги сносиме последиците и да ги почитуваме одлуките. Ги повикуваме надлежните институции да изречат мерки кои ќе ги испочитуваме како секој граѓанин“, посочи Груби.