Груби користел и обезбедување на државата кога избегал, тврди Мојсоска

од Nikola Popovski
499 прегледи

Во одговор на пратеничко прашање, министерот Тошковски потврди дека државата му плаќала и обезбедување на Артан Груби, кој веќе неколку месеци е во бегство. Во одговорот на министерот Тошковски, се наведува дека решението за обезбедување на Груби го потпишал тогашниот министер Назим БУШИ, и тоа на 13 јуни 2024 година. Односно, само две недели пред да се конституира новата влада, објави денеска пратеничката на Левица, Јована Мојсоска.

Според неа, нејасно е зошто министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски не го отповикал ова решение за обезбедување на екс-функционерот Артан Груби, ниту пак преиспитал дали постои висок ризик на опасност по животот на Груби, за што државата троши средства за негово лично обезбедување.

-Со други зборови, криминалецот Груби не само што ја цицал државата додека бил на функција, туку и кога му престанала функцијата продолжил да користи лично обезбедување од МВР, платено од власта на ДПМНЕ, посочува Мојсоска.

Таа преку својата објава на социјалните мрежи, постави уште едно прашање.

-Доколку во моментот на бегство за Груби веќе била иницирана постапка и бил ставен на STOP листа, зошто обезбедувањето од МВР не реагирало кога Груби ги известил дека ја напушта државата?! Груби во неговата последна објава наведува дека го ИЗВЕСТИЛ своето лично обезбедување пред да ја напушти државата. Зошто обезбедувањето не реагирало, како што не реагирал и службеникот на граничниот премин, води само кон тоа на уште едно исценирано бегство на високо профилиран функционер, наведува Мојсоска.

Груби е недостапен за органите за прогон од 15-ти декември и е осомничен во случајот „Државна лотарија“. Екс-првиот вицепремиер и натаму е во бегство, како и поранешниот директор на Државна лотарија, Беџети.

Слични содржини