Доцна синоќа екс-вицепремиерот и член на ДУИ, Артан Груби се огласи на социјалните мрежи по последните случувања и неговото име на ажурираната црна листа на САД. Тој најави дека се повлекува од јавниот живот. Како што објави на социјалните мрежи, за ова е информиран и лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Груби наведува дека донел тешка одлука, но, како што вели, неопходна за мир на неговото семејство и зачувување на неговиот личен и политички интегритет. Воедно побара поддршка за „работата и посветеноста на Ахмети“.
Меѓудругото во објавата на Фејсбук, поранешниот министер сподели со јавноста дека бил под „огромни напади низ годините“, но и „погрешни толкувања и нефер штрајкови“. Груби исто така додава „целиот живот бескомпромисно бил посветен на еднаквоста на Албанците во Македонија и за регион во мир“.
-Иако одлуката нагласува дека таа не е за осуда, туку за поттикнување на подобрување на однесувањето, јас пред Бога, семејството и пријателите сум чист како солза, но со намера да придонесам за вистината, која многумина од вас гледам дека веќе ја знаете, а за да не бидам ничив политички товар, решив да се повлечам од јавниот живот, стои меѓу другото во пораката на Груби.
Освен што ќе се истражува примањето поткуп, Обвинителството ќе собира и докази против оној што ги дал парите и бил вклучен во трговија со влијание во случајот што го посочи американската амбасадорка, а поради кој поранешниот вицепремиер Груби и апелацискиот судија Беџети завршија на црната листа на САД. Ова го најави државниот обвинител Љупчо Коцевски на брифинг со новинарите, по чија наредба е отворен предмет и дадени се насоки за постапување. Коцевски оцени дека има одлична соработка со амбасадорката Агелер, која рече дека САД имаат црвсти докази за корупција на посочените.
-Согласно моите надлежности како Јавен обвинител на Македонија оформив предмет за да собереме докази околу поткуп и трговија со влијанија на споменатите лица на црната листа на САД. Ќе се испитува кој е давател на поткупот, кој е примател на поткупот, дали имало тргување со влијанија, рече вчера Коцевски.
Американскиот Стејт департмент ги посочи Груби и Беџети за примање поткуп во врска со предмети против екс-директорот на УБК, Сашо Мијалков.
-Артан Груби е совесен и одговорен, доколку се докаже вина нема потреба партијата да го отстрани, тој сам ќе се повлече од сите партиски функции, коментираше првиот интегративец Ахмети, откако неговиот близок соработник заврши на американската црна листа.
Одлуката на Стејт департмент на САД за ставање на црната листа, според министерот за европски прашања Орхан Муртезани, претставува срам за правосудството и државата.
Според ВМРО-ДПМНЕ, ова јасно открива зошто се прави, како што велат, драма пред Уставниот суд и зошто постојано повикуваат судовите и обвинителствата да си ја работат работата за којашто се платени.