Груби за вакцините: Разочаран сум од недостигот на солидарност на ЕУ, Владата направи максимални напори

од Nikola Popovski
164 прегледи

„Владата направи максимални напори за набавка на вакцини и имавме многу надеж кон местото каде што немаше солидарност, во Европската Унија“, изјави денес првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби.

Тој тврди дека земјава има договор со Фајзер, Синофарм, Спутник V и Астра Зенека, но приоритет имале побогатите и поголеми држави.

„Да ви кажам искрено, разочаран сум од недостигот на солидарност,особено од ЕУ со државите од Западен Балкан во врска со вакцините. Сметам дека и Западен Балкан е дел од големата одговорност на ЕУ и ова покажува системска грешка во функционирањето на Унијата во однос на солидарноста на земјите членки, но и земјите кандидати за членство“, истакна Груби.

Тој исто така изрази надеж дека до лето ќе се изврши масовна вакцинација на населението.

„Се надевам дека летото ќе го дочекаме со масовна вакцинација и ќе успееме сите регионално да ги искористуваме летните одмори без никакви пречки“, изјави Груби.