Поранешниот премиер Никола Груевски пишува книга врз основа на докторската дисертација „Економските ефекти на различните видови меѓународни текови на капитал, со посебен осврт на Република Македонија“.

Ова од адвокатскиот тим го навеле како причина плус за одложување на двегодишната затворска казна на којашто правосилно е осуден експремиерот за незаконската набавка на луксузниот „мерцедес“, дознава „Независен весник“. „Не е вистина дека подготвува нов докторат, одлоложувањето е поврзано со развивање на истиот во книга“, велат извори за „Независен“.
Инаку, со обемна молба повеќе од десетина страници адвокатскиот тим на поранешниот премиер Никола Груевски бара одложување на двегодишната затворска казна за набавката на луксузниот „мерцедес“.
Молбата Груевски да не оди во затвор е архивирана во кривичниот суд и судијата има рок до четврток да одлучи, дали Груевски на 8 ноември ќе оди во „Шутка“ или ќе му даде дополнителни три месеци слобода. Во молбата Груевски од „скопска единца“ одложувањето на затворската казна го бара со две незавршени работи. Напишана е неговата актуелна пратеничка функција, но и уште една недовршена работа, веројатно книгата за која пишува „Независен“. Сепак, во молбата треба да има цврсти докази и аргументи дека ако Груевски не си ги заврши работните обврски, ќе има поголема штета. Груевски вчера не сакаше да коментира.
Во меѓувреме низ собраниските филтри тече постапката за евентуалното одземање на пратеничкиот мандат на Груевски. Првиот човек на законодавниот дом Талат Џафери, веќе му ја испратил пресудата „Тенк“ на претседателот на Комисијата за мандатно имунитетни прашања Павле Богоевски. Тој за 1ТВ вели дека дека ќе го запази рокот од 15 дена за закажување на седницата. Бидејќи Груевски не е осуден на најмалку 5 години, пратеничкиот мандат автоматски не му престанува. Според Уставот, мандат на пратеник може да се одземе со двотретинско мнозинство гласови.
„На пратеникот може да му биде одземен мандатот кога е осуден за кривично или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на функцијата пратеник, како и за неоправдано отсуство од Собранието повеќе од шест месеци“, пишува во членот 65 од Устав на РМ.
Груевски се жали и до Врховниот суд и очекува преиспитување на пресудата за случајот „Тенк“. Но, до највисокиот суд, предметот сè уште не е пристигнат.
Две години затвор му донесе нарачката на блиндираниот „мерцедес“ на екс премиерот, во правосилната пресуда пишува дека Груевски влијаел противзаконско.