Груевски демантира дека бил дел од случајот „Монструм“

од Nikola Popovski

Иако звучи комплетно лудо и не верувам дека некој може да поверува на такво нешто, сепак со обзир дека се работи за човечки животи, сакам да ја демантирам изјавата на извесен Бедри Ајдари, како неточна и лажна, вака реагира поранешниот премиер и азилант, Никола Груевски откако вчера беше наброен како еден од „нарачателите на петкратното убиство кај Смилковското езеро во април 2012 година“.

Според него, судот и во повторената постапка ги утврдил фактите и донел осудителна пресуда за сторителите.

-Очекувано е дека истите ќе се обидуваат на секаков начин да ја отфрлат одговорноста за грозоморната ликвидација, но јавноста треба да знае дека изнесените обвинувања се чиста измислица, додава Груевски во објава на својот Фејсбук профил.

Бедри Ајдари, роднина на еден од осудените во случајот „Монструм„ заедно со Идриз Синани од Меѓународното здружение за човекови права денеска пред Основниот кривичен суд – Скопје, вчера презентираше писмо на осудениот Фејзи Азири, во кое тој тврди дека има „нови докази“ и бара меѓународна истрага.

Осудениот Азири, во писмениот материјал лицата Никола Груевски, Сашо Мијалков, Трајко Велјановски, Гордана Јанкуловска, Синиша Алексовски, Горан Грујоски и Илија Смилевски ги наведува како „нарачатели на петкратното убиство кај Смилковското езеро во април 2012 година“.

– Груевски го нарачал петракното убиство на 12 април 2012 година во време на празникот Велигден со цел да испровоцира меѓуетнички конфликт во државата и да го привлече вниманието на меѓународната заедница за неуспехот за членство во НАТО и ЕУ. Исто така, и за да го привлече вниманието за финансиските скандали, вели Азири.

Слични содржини