
Адвокатите Петар Василев, Боро Тасевски и Никола Додевски како и обвинителите од Специјалното јавно обвинителство, Катица Јанева и Фатиме Фетаи беа единствените присутни на денешното рочиште за насилствата во Општина Центар.
Екс премиерот Никола Груевски, Миле Јанакиески, поранешниот министер за транспорт и врски, пратеничката Даниела Рангелова како и уште 11 обвинети не се присутни во судската сала.
Се уште не е одлучено по жалбата на СЈО за издвојување на доказите во форма на прислушувани разговори и судијата Татјана Михајлова истакна дека предметот ќе биде пратен во Апелација.
Покрај обвинетите за следното рочиште за 3 мај судијката наведе да бидат повикани сите обвинети но и градоначалникот на општина центар Андреј Жерновски, претседавачот на Советот на општина Центар Мирослав Шиповиќ, Саша Богдановиќ како и други сведоци.
Одбраната на Груевски, адвокатот Додевски, во изјава надвор од судница истакна дека никој од обвинетите не бил присутен затоа што не биле исполнети условите за одржување на рочиштето, односно дека не било постапено по одлуката на Советот на јавни обвинители за смена на Фатиме Фетаи од случајот.
Катица Јанева во изјава за медиумите рече дека го добиле дописот од Советот на јавни обвинители. Не одговори дали ќе ја тргне Фетаи од предметот против Груевски.
Михајлова на крајот на денешното рочиште најави дека ќе започне со главна расправа на закажаниот термин во мај./ Тв 24