Груевски: Како што стојат моментално работите, навистина е иронично да кажеме дека сме четврта економија во светот

Неколку предлози на ЛДП се преземени од Владата како намалување на банкарските провизии и уставни измени со одложено дејство - еве шанса да реализираат и една изборна единица и отворени листи за да покажат дека вистински се грижат за волјата на граѓаните, а не само пред и за време на избори - вели потпретседателот на ЛДП, Груевски за „Локално“

од Nikola Popovski
603 прегледи

Владата одбележа една година мандат, а оттаму и една година економија во рацете на актуелното раководоство на „Илинденска бр.2“. Се пофалија со рекордно ниво на странски инвестиции, зголемени плати и пензии, четврти по раст на БДП, нови патишта…Околу тоа каде бевме, а каде сме во моментов на економски план како држава, поразговаравме со потпретседателот на ЛДП, Валентин Груевски. Според него, постои некакво придвижување во економијата, може да се почувствува, но е далеку од идеално. Во разговор за „Локално“ вели дека вбризгувањето на првиот дел од кредитот од Унгарија, како што можеме да прочитаме, носи одредени резултати, но ќе видиме што значи тоа на долг рок.

-Мора да имаме предвид дека не само Македонија, туку целиот свет беше погоден од корона вирусот и пандемијата, потоа енергетската криза, па следеа ценовните шокови на основните производи… тоа сега е надминато и еве шанса новата Влада да покаже што знае во делот на зајакнување и раст на економијата, истакнува Груевски.

Потсетува како слушаме дека ефектите од „историскиот“ заем од Унгарија се во оптек, но, допрва ќе видиме какви. Оценува дека од договорот со Велика Британија сѐ уште не сме дочекале да ги видиме придобивките и што тоа ќе значи за нас како држава.

-Задолжувањата се нормални економски активности за една држава, но сето тоа мора да се прави во рамки на рационалното и законското и нормално, тие средства да се трошат наменски, а не да завршуваат во нечии туѓи џебови, како што сме се изнагледале досега. Сепак земјата сметам дека сѐ уште на некој начин закрепнува од тој пост ковид кризен период и сметам дека е најубаво да оставиме времето да ги покаже резултатите, па потоа да судиме дали требало или не, посочува соговорникот.

Запрашан како генерално гледа на овие заеми „држава-држава“, Груевски истакнува дека за ова прашање најубав одговор може да се добие од оние кои го подигнале.

-Тие заеми, веќе кога мора да ги подигнуваме, да бидат точно и конкретно објаснети обврските што ги преземаат двете држави. Една од заложбите на ЛДП е и онаа за објавување на договорите потпишани од државата. Мора граѓаните да знаат што се потпишува во нивно име, како тоа се изведува и на крајот, колку тоа сето ќе не чини нас, но и идните генерации. Ако целта ни е Европска Унија и целосна институционална транспарентност, тогаш овие работи мора да бидат јавни, затоа што на крајот сите ние ќе ги враќаме тие средства, објаснува потпретседателот на либералдемократите.

Eврокомесарката Марта Кос изминатава недела беше во посета, при што Планот за раст на ЕУ беше во фокусот на разговорите со премиерот Христијан Мицкоски. Од најголемата опозициска партија рекоа дека 43 милиони евра од Планот за раст, пари наменети за реформи, останале неискористени и дека не е ставен во функција ниту авансот од 52 милиони евра од Планот за раст. Според Груевски, не е познато дали се работи за незаинтересираност или можеби некои други пречки. Вели дека секојдневно сведочиме на патувањата и средбите на премиерот, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, на министерот за европски прашања и слушаме дека се посветени на европската интеграција на Македонија.

-Меѓународната, вклучително и европската политика е многу специфична работа која бара многу посветеност и жртви, што верувам им е јасно и на владините претставници. Околу средствата од Планот за раст на ЕУ, но и останатите средства од ЕУ фондови, тука секогаш имало спорни моменти и слаба искористеност, како и големи сомнежи за злоупотреба тогаш кога се користеле. По ова прашање, во ЛДП сметаме дека треба уште многу да се работи и значително да се подигне степенот на искористеност на овие средства, кои се неповратни и можат многу да придонесат во развојот на државата, посочува соговорникот.

На прашањето што очекува во следниот период и дали куповната моќ на обичниот граѓанин ќе продолжи да паѓа, Груевски анализира дека власта веројатно мислела на четврта растечка економија во Европа, но дека како што стојат моментално работите, навистина е иронично да кажеме дека сме четврта економија во светот.

-Но тоа е добар мотив и стремеж за владата, да работат и можеби вистински да нѐ доведат до четвртата позиција на планетата. Македонија е мала економија во светски рамки и ценовно зависи од движењето на светските трендови. Проблемот со цените е предизвик за сите земји во Европа, што значи дека ни ние не сме имуни на тоа. Она што може владата е да овозможи услови и простор за напредок на стопанството, да го стимулира зголемувањето на домашното производство и извоз и да излезе во пресрет на граѓаните, со што граѓаните ќе можат полесно да се справат со ценовните шокови. Во спротивно, сите ние ќе плаќаме сѐ поскапо и поскапо, наведува соговорникот.

Според него, добра и корисна е иницијативата на гувернерот на НБРМ, Трајко Славески за намалување на банкарските провизии, но, како што вели, тоа е всушност иницијатива на ЛДП, која два пати партијата ја поднесува во Собранието и без поддршка од мнозинството пратеници.

-Доста време банките печалеа на грбот на граѓаните. Ова можеби досега е најдобрата шанса да направиме нешто, макар еве и на иницијатива на гувернерот Славески, ние секако ќе поддржиме. Досега неколку наши предлог мерки се преземени од страна на владејачките функционери, како обележувањето на табличките на службените возила, отповикувањето на градоначалници, уставните измени со одложено дејство, инвестициите во домашната одбранбена индустрија, но и други, кои ете, иако идеи на ЛДП, се тивко преземени. Но, тоа е случај 30 години наназад, не е прв пат и нас ќе ни биде драго доколку навистина се спроведат овие мерки, затоа што навистина ќе помогнат за зајакнување на демократијата и подобрување на животот на граѓаните. Во таа насока, веќе кога презмаат, еве шанса да го преземат и реализираат нашиот предлог за една изборна единица и отворени листи и да покажат дека вистински се грижат за волјата на граѓаните, а не само пред и за време на избори, тврди потпретседателот на ЛДП.

Со оглед на се помалиот број на работници нема ни за лек, а младите се иселуваат, Груевски вели дека иако ситуацијата можеби е очајна, смета дека не е до крај безнадежна. Според него, трендот во изминатите години е загрижувачки и решението веројатно не е толку едноставно.

-Тоа зависи од сите нас, не само од владата. Таа има за цел тука да овозможи фер услови и праведно општество, за да не мора сите, особено нашите деца и млади, да си ја бараме среќата, условите и правдата надвор. Имаме убава земја, со плодна почва, планини, реки, градови и села што е наш дом и ако ние не се грижиме за домот, кој очекуваме да се грижи? Затоа велам дека е обврска на сите заедно да градиме иднина тука дома, во Македонија, а особено важно е за нашите најмали и за идните генерации. Најважната работа што треба да ја разбереме и да им ја пренесеме на младите е дека ова не е најлошата земја за живеење, дека секогаш во странство ќе бидат туѓинци, дека треба да си ја сакаме и почитуваме државата. Ако таа мисла ја пренесеме и всадиме кај секој од нас и кај нашите деца, не дека проблемот ќе го решиме 100%, ама сигурен сум дека ќе го намалиме, кажа соговорникот.

Евидентно е дека светот се соочува со крај на ерата на глобализација, слободната трговија и отворените општества, предводена од Америка. По години царински војни, недоверба на пазарот, пад на доларот и растечки популизам, се чини се случува целосен ресет на светската економија. На прашањето како да се постави Македонија во ваква ситуација, Груевски нагласува дека уште пред доаѓањето на претседателската позиција во САД на Доналд Трамп, можеше да се претпостави каде ќе се движи глобалната политика, со порастот на десницата во Европа, изборните победи на домашните и на европските избори во најголемите европски економии го трасираа патот на новата глобална политика. Вели дека Западна Европа, но и целиот западен свет, во моментов се соочува со разни предизвици, од економски колапси до масовна нелегална миграција и ред други проблеми, кои за жал не нѐ одминуваат ни нас.

-Војната во Украина сѐ уште трае и тоа влијае како што гледаме дополнително на ионака сложените меѓународни и меѓудржавни односи. Конфликтите на Блискиот Исток исто така имаат значителен белег во моменталната политичка состојба во светот. ЛДП смета дека треба да ги негуваме и продлабочуваме на редовна основа односите со нашите стратешки партнери, ЕУ и САД и да градиме нови и искрени идни партнерства. Живееме во доста интересни времиња и ќе треба голема доза на политичка вештина и знаење на нашите лидери успешно да се справат со предизвиците, констатира потпретседателот на либералдемократтите.

Н.П.