Христијан Мицкоски треба да одговори за диловите со Никола Груевски, бараат од СДСМ преку соопштение.
Оттаму прашуваат дали на овој начин лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ги прикрива барањата за амнестија на негови сопартијци, заради незадоволство токму од него.
Од СДСМ се децидни дека за Груевски нема да има амнестија и ќе биде уапсен во истиот момент кога ќе стапне во земјава.
-Но, нема дилема дека Груевски сепак е вистинскиот лидер на ДПМНЕ, и затоа Мицкоски е толку нервозен. Политиката на блокада на Мицкоски е само копија на оригиналот и очигледно дека има структури во ДПМНЕ кои не се задоволни од него, се вели во партиското соопштение од владеачката партија.
Претходно од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека за да издејствува уставни измени, владата има план да му вети кривична неказнивост во Унгарија на Груевски за тој да се врати.
-ВМРО-ДПМНЕ ги осудува овие заткулисни игри, кои имаат цел за спас на оние кои направиле криминал, на штета на народот. Уставни измеми нема да има, велат од „Белата палата“.
Ваквите препукувања следуваат откако вчера лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски обелодени дека неговиот претходник е во тајна комуникација со владата, со цел да се подели ВМРО-ДПМНЕ за, како што вели, да се протуркаат уставните измени.