Груевски на „Сител“: Државата е нападната, народот може да ја одбрани

од desk2
121 прегледи

Унитарноста е загрозена, нападната е државата и само народот може да ја одбрани, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на гостувањето во вестите на телевизија „Сител“.

– Сите оние кои планираат да седат дома и да гледаат телевизија верувајќи дека друг ќе им ја заврши работата за заштита на нивната држава, се во заблуда. Кога државата е нападната, само народот може да ја одбрани. Не можат само политичарите, особено кога еден дел од нив се борат за заштита, а друг дел се на спротивната страна – изјави Груевски и истакна дека народот ќе дејствува за она што не се согласува.

Тој додаде дека „основната причина за целата операција за рушење на власта и носење на Зоран Заев е слабеење на државата со цел промена на името и идентитетот на Македонците.“

– Двојазичноста е секундарната цел. Операцијата е во четири фази, создавање криза и дестабилизација, компромитирање на власта преку специјална психолошка војна и компромитирање на институциите, избори и смена на власта, нејзино елиминирање и носење на нова и реализација на целите – изјави Груевски.

Според него, планот е законот за јазиците да се донесе на сила, со измислено европско знаменце на кое не му е местото на тој закон.

– Се што Зоран Заев кажува дека не прифатил е само заради една причина: немање двотретинско мнозинство во парламентот. За промена на знамето, грбот и химната потребно е двотретинско мнозинство – додаде Груевски.