-Не постои Тиранска платформа, постои документ напишан од страна на три од четирите албански политички партии кои се присутни во актуелниот Парламент во Македонија што го поддржавме, вели министерот за надворешни работи на Албанија, Дитмир Бушати во интервју за порталот Јурактив.
Според него тие го поддржале документот бидејќи во него виделе „ јасни напори од страна на Албанците прво да се задржи Македонија обединета, второ да бараат подобра меѓуетничка хармонија во духот на Охридскиот договор, трето да се спроведе Договорот Пржино, четврто да се деблокира патот на Македонија кон НАТО и кон ЕУ со нормализирање на односите со Грција и со Бугарија и се разбира со Албанија и со Косово како соседи на Македонија“.
Во врска со забелешките дека воведувањето на албанскиот како втор официјален јазик во земјата води кон фередализација, Бушати посочува на Охридскиот рамковен договор од пред 16 години.
– Не знам како овој аргумент, со албанскиот јазик како официјален јазик, е еднаква на федерализација на земјата. Но, ако говориме за Охридскиот договор и за изворот на конфликт меѓу Македонците и Албанците во Македонија, јасно е дека спроведувањето на обврските од овој договор е на ниско ниво.
Тој укажува и на тоа дека во земјата постои потценувачки однос кон Албанците, од страна на лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски и на други политичари.
– Има тенденција од Груевски и од другите да ги сметаат Албанците како сезонски работници во сопствената земја. И нема сериозни напори за да се обезбеди меѓуетничка хармонија во земјата. Во текот на последните пет до шест години, општеството е повеќе поделено по етнички линии. И јас верувам дека со вклучување на т.н. албанска платформа во Уставот и во новата правна рамка на земјата, ќе има повеќе позитивни резултати за двете етнички групи кои живеат во Македонија, или за главните етнички групи – Македонците и Албанците.
На новинарска забелешка дека ваквиот став звучи заштитнички кон Албанците, Бушати вели дека прави јасна разлика меѓу кризата на демократијата и тенденциите да се трансформира во меѓуетничка криза.
-Ако ги повикате луѓето на улица да викаат против Албанците, против САД, против ЕУ и НАТО, ако ги повикате луѓето на улица да викаат против идентитетот на Албанците кои живеат во Македонија, ќе дојдете до истите заклучоци. Каде е тука патернализмот?, вели Бушати во интервју за Јуроактив.
Во интервјуто тој говори за состојбата во сите земји од Балканот, во кои сега, како што вели има поинакви сојузи.
„Пред 10-15 години имавме сојузи врз база на етничка припадност, а сега се чини има сојузи против судовите“, изјави Бушати.