Груевски повторно, а Мијалков првпат на судења во Кривичниот суд

од Vladimir Zorba

   Во судските сали на Кривичниот суд неделава се оддржаа дури седум рочишта за предметите на Специјалното јавно обвинителство. На обвинителната клупа или низ судските коридори, меѓудругите, повторно се појавија поранешниот премиер и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во оставка Никола Груевски, повеќемина поранешни министри од неговите влади, а за првпат и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков. 

Неделава што измина ќе биде забележана и по новата прес конференција на СЈО, прва по подолго време, на која беше објавено дека се отворени седум нови истраги, што се произлезени од нелегално прислушкуваните разговори, а во кои се осомничени 17 лица.

Груевски во Кривичниот суд се појави во понеделникот и средата за предметите на СЈО „Насилство во Центар“ и „Траекторија“.

Во „Траекторија“, покрај Груевски обвинети се и поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски.

Тие, како што МИА веќе објави, се осомничени дека во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатните делници Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања. Со тоа, според СЈО, нанеле штета на државниот буџет од најмалку 155.117.172 евра и за истиот износ на компанијата изведувач и овозможиле да се стекне со имотна корист.

Првото судско рочиште за овој предмет што се оддржа на 6 декември беше одложено, бидејќи одбраната на обвинетите побара судењето да се снима тонски и тонски-визуелно. Ново судско рочиште е закажано за 26 декември.

Во предметот „Насилство во Општина Центар“ обвинети се 14 лица, меѓу кои и Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиевски и пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова.  Тие се обвинети од СЈО за поттикнување на насилството што се случи при протестите пред општина Центар во јуни 2013 година.

На претходните рочишта вина за настаните пред Општина Центар во јуни 2013, признаа четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петообвинетиот Јордан Ристевски. Тие добија шестмесечна условна казна.

Апелацискиот суд ја прифати жалбата на СЈО и одлучи дека во доказната постапка може да се користат снимките од прислушуваните разговори.

За првпат на судско рочиште вчера се појави и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков, за споениот предмет на СЈО „Тврдина-Таргет“ за незаконското прислушување и за уништување на опремата од прислушувањето.

Во овој предмет обвинети се поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои се во притвор во Грција, како и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директорот на УБК Сашо Мијалков и шефот на неговиот кабинет Тони Јакимовски.

Судијката Ленка Давиткова оцени дека не се исполнети законските препоставки за одржување на главната расправа и судењето го одложи за 17 јануари следната година.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани./MIA

Слични содржини