Група приватни специјализанти упатија писмо до Заев и Филипче: Бараме платени дежурства, здравствено осигурување и зголемување на платата

342 прегледи

Во рамки на ангажманот на специјализантите во битката со Ковид 19, група на приватни специјализанти од Медицинскиот факултет денес испратија јавно писмо адресирано до премиерот Зоран Заев и министерот за здравство, Венко Филипче.

Истото ви го пренесуваме во целост:

До:
– Господин Зоран Заев, претседател на Влада на РС Македонија.
– Доц. д-р Венко Филипче, министер за здравство на РС Македонија.

Почитувани г. Зоран Заев и доц. д-р Венко Филипче, ние, групата на приватни специјализанти при Медицинскиот факултет во Скопје, го пишуваме ова јавно писмо до вас со цел надминување и решавање на нашите проблеми и барања. Затоа сакаме јавно да ве повикаме, и јавно да ги објавиме нашите барања од круцијален карактер:

1. Здравствено осигурување за сите приватни специјализанти при Медицинскиот факултет – Скопје, поради што не е дозволиво во текот на една од најстрашната светска пандемија во 21 век, а веќе во најава и нова светска пандемија од мутиран вирус, дел од медицинскиот персонал што работи по ковид-центрите на Универзитетските клиники да биде здравствено неосигуран.

2. Платени дежурства за сите специјализанти, зашто само во нехумани и експлоатирачки услови работодавецот (во овој случај Министерството) го условува работникот (во овој случај специјализантот) на работа во тек од 24 часа, а притоа да не добие никаков финансиски надоместок за тоа.

3. Покачување на основната базична плата од 26.000 денари, на 32.000 денари на месечно ниво, бидејќи во текот на изминатите 3 години сиот медицински персонал што е под државна капа доби покачување на плата од политиката предводена од вас, a само ние како приватни специјализанти не добивме ниту денар покачување.

4. Покривање на дел или целата сума од трошоците за специјализација за изминатиот летен и за претстојниот зимски семестар 2020 година, поради тоа што иако нашата едукација на Универзитетските клиники беше сведена на 0 и во еден период сите државни специјализанти беа повлечени по матичните установи, ние, приватните специјализанти, овозможивме услови за непречена работа на Универзитетските клиники.
Затоа, ние, група приватни специјализанти при Медицински факултет – Скопје, ви се обраќаме вам со нашите барања, кои ни следуваат. Бидејќи ние во ниту еден момент не одбивме работа од каков било карактер и несебично ги жртвуваме нашите млади животи во хумани цели и во името на медицината во текот на целата оваа тешка година. Затоа бараме што побрзо одржување работна средба со цел да се изнајадат соодветни решенија на постојните проблеми и барања.

Група на приватни специјализанти при Медицински факултет – Скопје.

Слични содржини