Опозициската грузиска партија Гирчи – Повеќе слобода, како и претставници на голем број невладини организации најавија дека ќе продолжат со протестите и покрај повлекувањето на предлог-законот за странски агенти од парламентот.
Опозициските партии додаваат дека им е потребна јасност во врска со постапката за импичмент и побараа ослободување на приведените.
Владејачката партија Грузиски сон и партијата Народна моќ објавија дека предлог-законот за странски агенти е повлечен од парламентот на земјата.
Политичките организации сметаат дека „одредени сили“ успеале да ја претстават иницијативата во негативно светло и да ги убедат граѓаните во нејзината сличност со рускиот закон, што може да се смета за отфрлање на европскиот пат на развој на земјата.
На 7 март започнаа масовни протести пред зградата на парламентот во Тбилиси, при што имаше судири со полицијата. Безбедносните сили употребија водени топови и солзавец за да ја растераат толпата.