Гутереш од Давос порача кое е единственото решение за светот во овој момент

од Stefanija Kuzmanovska
204 прегледи

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, во своето обраќање на Светскиот економски форум во Давос, истакна дека геополитичките поделби во сегашниот свет го спречуваат решавањето на глобалните предизвици и дека реформите во глобалното владеење се неопходни за човештвото да се справи со заканите.

„Верувам дека можеме да изградиме нов мултиполарен глобален поредок, со нови можности за лидерство и со рамнотежа и правда во меѓународните односи“, наведе Гутереш, додавајќи дека единственото решение е „реформиран, инклузивен, вмрежен мултилатерализам“.

Тој нагласи дека мотото на овогодинешниот Светски економски форум во Давос, „Обнова на довербата“, не е слоган или ПР кампања, туку дека вистинското враќање на довербата бара суштински реформи на глобалното владеење.

„Институциите и рамки на глобалното управување, од Советот за безбедност до системот на Бретон Вудс, беа создадени пред 80 години. Не можеме да изградиме иднина за нашите внуци со систем изграден за нашите баби и дедовци“, заклучи Гутереш.

Годишниот состанок на Светскиот економски форум започна во понеделникот во Давос под слоганот „Обнова на довербата“ и до 19 јануари ќе биде домаќин на повеќе од 100 претставници на земји, сите големи меѓународни организации, 1.000 партнери, како и лидери на граѓанското општество, експерти, младински претставници, социјални претприемачи и новински агенции (вкупно околу 3.000 гости).

Слични содржини