Гувернерот на Централната банка на Косово: Новата регулатива не ја ограничува замената на ниту една валута

од Nikola Popovski

Гувернерот на Централната банка на Косово (ЦБК) Ахмет Исмаили денеска изјави дека новата регулатива на ЦБК не го забранува или ограничува прифаќањето на средства на банкарските сметки во евра во лиценцираните банки, ниту ја ограничува замената на која било валута која ја извршува банкарска или небанкарска институција, која поседува дозвола.

– Сите граѓани кои веќе имаат банкарска сметка во евра, во која било лиценцирана банка на Косово, можат да ја користат за да добијат средства од која било земја, рекол тој.

ЦБК соопшти дека Исмаили ова го кажал на средба со американскиот амбасадор во Приштина, Џефри Ховениер.

Новата регулатива на ЦБК бара од 1 февруари сите готовински трансакции во Косово да се вршат во евра, со што се укинува употребата на српскиот динар во земјата.

Американскиот амбасадор во Приштина, Ховениер, побарал од гувернерот на Централната банка на Косово да го одложи спроведувањето на одлуката за користење само на еврото во готовинските трансакции.

Исмаили изјавил дека само четири филијали на банки, три микрофинансиски институции (кредитори), како и повеќе од 15 небанкарски финансиски институции за плаќање и размена, работат во четири општини на северот на Косово, населени со мнозинско српско население.

– Се зголемува бројот на филијали и канцеларии на финансиските институции кои работат во таа област, бидејќи финансиското вклучување е цел на ЦБК, се наведува во соопштението.

Во Косово, во сите мнозински српски населби, населението плаќа во српски динари, а оние кои работат во српските институции на Косово, исто така земаат плата во динари. Во динари се исплаќаат и пензиите, според српскиот систем, како и детските додатоци и социјалните надоместоци.

Во трговските објекти, во областите каде што живеат Срби на Косово, покрај еврото се користи и динарот.

Српска листа, главната партија на Србите на Косово, која ја ужива поддршката од Белград, оцени дека одлуката на ЦБК го загрозува опстанокот на Србите на Косово.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во понеделникот во Белград разговараше со претставникот на Европската унија за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, меѓу другото, и за одлуката на Централната банка на Косово да ја укине употребата на динарот.

Директорот на Канцеларијата за Косово на Владата на Србија, Петар Петковиќ, изјави дека Вучиќ побарал „Приштина да престане со спроведувањето на новите ескалирачки одлуки“, меѓу кои, како што наведе, била и одлуката на Централната банка на Косово да ги користи само еврата за готовински плаќања во Косово.

Слични содржини