Гвардиола по поразот од Ливерпул: Не се работи за замор, имавме можност да стигнеме до реми

од Vladimir Zorba

Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола изјави дека е горд на реакцијата и настапот на неговиот тим во второто полувреме од полуфиналето на ФА Купот со Ливерпул. „Граѓаните“ на пауза губеа со 0:3, но потоа успеаја да постигнат два гола. На крајот „црвените“ се пласираа во финалето по победата од 3-2 на „Вембли“.

„Дадовме се од себе по тешкото прво полувреме. За првиот гол – тие се многу, многу силни по статични позиции. Вториот гол беше несреќен случај. Тешко е да се вратиш по вакво заостанување, но играчите одлично се снајдоа по паузата. Разговарав со тимот, а не со Зек Стефан (голманот) поединечно. Тој е силен. Тоа беше само несреќа и тој ќе извлече лекција во иднина. Кога е топката таму, секогаш може да се случи вакво нешто“, посочи Каталонецот.

„Во вториот дел имавме шанса да дојдеме до реми. Овој натпревар беше тежок бидејќи само ние знаеме како стигнавме до тука – по натпреварите што ги имавме и проблемите што ги имавме со дел од играчите. Овие момчиња одиграа со голема гордост во вториот дел. Конечно ќе имаме еден или два дена одмор. Знаеме дека имаме уште седум натпревари во првенството и натпреварите во Лигата на шампионите. Ќе видиме што ќе се случи“, додаде Гвардиола.

Слични содржини