Хајредини: Сигурен сум дека новата еврообврзница ќе биде со далеку повисока каматна стапка

од Vladimir Zorba
312 прегледи

Во  ситуација на низа  нејасностии со еврообвзницата единствено е извесен епилогот, а тој според експертите не е во полза на државата. Дел од нив алармираат дека повторувањето на постапката за издавање на нова еврообврзница, откако пред два дена беше откажана последната од 600 милиони евра, ќе значи поскапо задолжување на земјата на меѓународните пазари.

На негативните ефекти укажува и поранешниот министер за финансии, Џевдет Хајредини според кој поништувањето на еврообврзницата е своевиден преседан за земјава.

„Тоа што  пропадна првата еврообврзница, не зборува добро ниту за државата ниту за економските и политичките состојби во неа. Министерот за финансии чека мислењето за задолжувањето да го потпише министерот за правда, но откако тој поднел оставка!.Па на што личи тоа?!. Детска работа! Мислев дека министерот бил лут што го разрешиле па затоа не потпишал, а вистинската причина била тоа што мислењето му стигнало пет дена по оставката. Ваквите состојби во голема мера се одразуваат кај потенцијалните инвеститори.На банките што посредуваат, сето ова им дава сигнал дека имаат работа со недоволно сериозни субјекти.Ова е повод пошироката јавност, меѓународните субјекти, да заклучат дека овде не одат работите како во друга  нормална земја“, вели за „Локално“, Хајредини.

Џевдет Хајредини

Џевдет Хајредини

Целата ситуација според него, на крајот сигурно ќе резултира со издавање на нова еврообврзница, но  со далеку повисока каматна стапка. Дополнителен проблем е и фактот дека  додека не се случи тоа, во прашање може да дојде сервисирањето на долговите и тековните обврски од буџетот.

„Постапката за издавање еврообврзница мора да се повтори но тешко ќе оди. Прво, никако нема да може да добиеме помала камата, таа сигурно ќе биде повисока, барем така говорат околностите. Да не зборуваме како ова ќе се одрази на државната каса.Таму работите и претходно не чинеа. Еврообврзницата по правило се издава  за покривање на долгови, што значи дека обврските ќе биле исполнети доколку државната каса е  полна. Сега ќе има проблем со извршување на тековните буџетски потреби. Да видиме дали брзо ќе успеат да ја повторат постапката“, посочи Хајредини.

Во меѓувреме, целиот контекст поврзан со потпишувањето на еврообврзницата се претвори во рашомонијада. Прво со образложение  излезе министерството за финансии  кое обелодени дека еврообврзницата е повлечена бидејќи немало кој да стави потпис на неа  со оглед на тоа дека министерот за правда е во оставка.

Откако изјавата ја потврди и премиерот Ковачевски, со став излезе министерството за правда  според кое документот кај нив стасал дури на 15 февруари , односно пет дена по оставката на министерот Тупанчевски.

Министерот Бесими се дистанцираше од сите укажувања за понатамошните негативни ефекти. Според него,  агентите и инвеститорите биле навремено известени за ваквата административна пречка па не можеле да тргуваат со неа на секундарниот пазар.Ги демантираше и тврдењата за намален кредитен рејтинг на земјата не сакајки да шпекулира со очекувања за каматната стапка во иднина.

К.В.С.

Слични содржини