Хаџи Јанев: Трамп нè спасува од Трета светска војна, не сите лидери во Европа се со став дека војната во Украина треба да продолжи

Хаџи Јанев: Ако Eвропа не се разбуди и не излезе од ултралибералниот ќорсокак, може само да го охрабри Путин да ја врати Русија во времето на СССР

од Nikola Popovski
3,2K прегледи

Како до мировен договор во Украина беше во фокусот на Безбедносната конференција во Минхен, каде првпат присуствуваат претставници на новата американска администрација, германските власти, претставници на Европската унија и на Украина. Има надеж дека ќе се стигне до разумно решение. Сепак, Украина никогаш нема да прифати договори без Украина, истото правило треба да важи за цела Европа, истакна украинскиот претседател и предложи да се формираат европски вооружени сили. Потенцираше дека не може да се исклучи можноста САД да одбијат да и помогнат на Европа за прашања што и се закануваат.

-Па реално мислам тоа е новата реалност на која ќе мораме да се навикнеме. Тоа е реализмот на сцена кој колку и да е суров не е заносен како либерализмот од кој се изнагледавме двојни стандарди и утопистички или не реални очекувања. Не велам дека ова е подобро или полошо само сакам да кажам дека и претходно кажав дека ќе треба да се адаптираме на суровата на real – politic, која од оваа перспектива навикнати на либерален шаблон на униполарна доминантност и ултралиберлизам е еднаква на предавство, вели во разговор за „Локално“, Методи Хаџи Јанев, професор и експерт за безбедносни политики за моментот дека рускиот претседател Владимир Путин и американскиот Доналд Трамп преговараа за прекин на огнот и предавање на украинската територија на Русија, зад грбот на Зеленски.

Од друга страна би било фер и да се каже дека, како што вели Хаџи Јанев, Трамп не спасува од трета светска Војна.

-Ако споменувате еднаш реков дека влоговите толку многу се дигнаа по прашање на руската агресија врз Украина и тоа на многу наивен начин без покритие само на зборови. Ако не се случи ова алтернативата е да САД продолжи да ја вооружува Украина и во тој дух на компетиција да ги загрози егзистенцијалните вредности на Русија после што следува најлошото. Гледано од оваа перспектива колку и да не им е мило на Европјаните, така стојат работите. Да не зборувам дека тоа е во тесен интерес засега на САД која ако продолжи во досегашниот курс може да ја загрози својата позиција во трката на хегемоните. Не заборавајте веќе реков Трамп не е реактивен претседтел. Тој е проактивен. Дали и како тоа ќе се рефлектира треба да видиме и тоа е друга работа, истакнува професорот.

Oколу констатација дека по разговорот меѓу двајцата претседатели, Европа може да остане сама по осум децении, Хаџи Јанев посочува дека не сите лидери во ЕУ, а не пак во Европа се со став дека војната во Украина треба да продолжи. Од официјалните изјави генерално се заклучува дека САД нема намера да биде аутсорс и безбедносен сервис за Европа.

-Дел од политичките изјави сепак рекоа дека партнерството со Европа останува да важи. Сепак овие изјави имаа услов „ама“ и порака дека Европа мора да се разбуди и да сфати дека војната не се добива со филозофија, и само со дипломатија, информации и економија. Таа се добива пред се со оружје. Европа за жал тоа го нема за долги стази. Или ако го има тоа е на принцип на „бутик оружје“-го има во ограничени количини, а набавката оди доста бавно и со многу бирократија. Да не збориме за фрагментацијата во однос на политичкото единство. Дали Америка повеќе не е сојузник во однос на безбедноста на Европа? Ако гледате во рамките на вчерашната политичка поставеност (либералната) би рекле да. Но, ако гледате со новата сегашната реалност реалистичка, водена од интереси тоа не мора да значи САД ќе биде партнер со секој кој е во нејзин интерес. И они се отворени за тоа, оценува соговорникот.

-Јас за ова веќе говорев уште на почетокот на минатата година дека состојбата на терен капцитетите и целокупното опкружување ќе го оформат идниот изглед на Украина после преговорите, ако почнат. Тие параметри не се добри и одат кон она сценарио кое го наговестив слично на Корејското, секако со свои специфичности, истакнува професорот запрашан дали Украина конечно ја загуби својата државност, по „договорот“ меѓу Путин и Трамп.

Тврди дека е легитимно барањето на Франција, Велика Британија и Германија да бидат вклучени во решението за Украина.

-Исто како што е легитимно и нашето барање на пример да не се мешаат билатерални прашања во евро-интеграциите. Не сакам да бидам ироничен само реалистичен. Едно е тие што сакаат друго е колку имаат можност да го испорачаат сето тоа. Трето пак, е како ќе го испорачаат тоа, додава професорот.

На прашањето дали Путин ќе застане на Украина откако ќе го добие она што го сака од Трамп, Хаџи Јанев анализира дека е тешко да се предвиди Путин. Според него, концесиите во договорат сепак нема да бидат едноставни.

-Тоа дополнително ќе зависи и од самата Европа. Ако не се разбуди и не излезе од ултралибералниот ќорсокак, може само да го охрабри Путин и соколите околу него да ја вратат Русија во времето на СССР. Само за да ме разберете ќе завршам со реторичко прашање. Можете ли да идентификувате колку дивизии, подготви Европа, дури и во кумулативна смисла, за да може да има сериозен капацитет за одвраќање во изминатите три години. Борбено оспособување на војник за да може да води вакви опсежни операции е помеѓу 18-24 месеци. Значи не прашувам за квалитативните капацитети или на кој ранг се таквите дивизии споредено со квантниот скок на руската воена моќ која внимавајте, сега е и борбено тестирана во офанзивна, не само во дефанзивна смисла. Натаму ќе го оставам одговорот за некое друго време, тврди професорот и аналитичар.

Околу вложувањата во одбраната и прагот на НАТО, проф. Хаџи Јанев наведува дека Трамп е единствениот претседател на САД кој успеа да ги натера заспаните европски сојузнци да вложат барем 2 % о БДП и дека тоа не им успеа на Џорџ Буш во втриот мандат, Барак Обама во двата мандати, додека за Бајден не би можеле да судиме бидејќи тој го наследи Трамп.

-Вкупно, внимавајте Трамп успеа да ги задвижи европјаните за 4 години, а на два претходни претседатели тоа не им успеа за 12 години. Тешко е да се каже дека ќе може сите да го постигнат тој процент, особено заради тоа што пристапот кон безбедноста е архаичен, крајно либеритарјански и не е кохезивен, базиран на т.н. дуал-јус доктрина. Ако тоа не се смени тешко дека сите земји ќе може да го остварат тоа. Заминувањето од НАТО може и не е најпаметниот чекор за Трамп. Тоа е опасен потег бидејќи добар дел од доктрината на САД е планирана врз претпоставки дека ќе војуваат со сојузници. Ако приказната на дијал-мејкерот не оди како што е замислено не е исклучена можноста САД да бидат заглавени ако ништо друго во регионален конфликт кој може да има поинаков расплет заради целата смена на околности, особено заради тоа што на внатрешен план јавноста во САД е поделена околу тоа како треба да се проектира моќта, заклучува соговорникот.

Украина бара Русија да се повлече од заземената територија и вели дека мора да добие членство во НАТО или безбедносни гаранции за да ја спречи Москва повторно да нападне. Германскиот канцелар Шолц ја истакна важноста од зачувување на европската и американската безбедносна соработка притоа потенцирајќи дека војната во Украина мора да заврши.

„Ако Русија ја добие војната, а Украина изгуби, ова нема да води кон мир, ќе продолжат заканите по мирот и стабилноста, на Европа и пошироко. Нема да прифатиме ниту едно решение кое ќе води до капитулација на европската и американската безбедност, единствен човек кој ќе има корист од тоа е само претседателот Путин“, изјави германскиот канцелар, Олаф Шолц.

На Конференцијата за безбедност во Минхен, шефот на НАТО зборуваше за одржлив договор за крај на војната во Украина. Одново потенцирана потребата да се зголемат трошоците за одбрана за значително повеќе од 3 проценти од БДП.

„Сите се согласуваме, новата администрација во САД и европската страна на НАТО дека што и да излезе од договорот треба да трае. Тоа значи дека треба да биде одржливо. Постојат многу начини да се организира тоа. Но за да потрае, ако само украинците се грижат за сопствениот мир, тоа нема да биде доволно“, изјави генсекот на НАТО, Марк Руте.

Трамп потврди дека украинскиот претседател Зеленски ќе биде вклучен во разговорите за прекин на огнот меѓу Русија и Украина. Преговорите ќе се одржат во саудискиот главен град Ријад, пишуваат светските медиуми.

„Се обидуваме да постигнеме мир со Русија, Украина и работиме многу напорно на тоа. Тоа е војна што никогаш не требаше да започне. Мислам дека Путин сака да престане да се бори. Го гледам тоа. Зборувавме долго и напорно. Стив Виткоф беше со него многу подолг период, околу три часа. Мислам дека сака да престане да се бори. Имаат голема, моќна машина, го разбирате тоа? Затоа што ако Путин продолжи, тоа ќе биде голем проблем за нас, тој едноставно не може да дозволи тоа да се случи. Мислам дека сака да стави крај. И тие сакаат брзо да го завршат тоа, и двајцата, а и Зеленски сака да му дојде крај на тоа“, изјави претседателот на САД.

Зеленски е во официјална посета на главниот град на Обединетите Арапски Емирати, Абу Даби. Приоритет на посетата е да се вратат повеќе Украинци од руско заробеништво. Емиратите играат клучна улога како посредник во размената на затвореници меѓу Киев и Москва.

Н.П.

Слични содржини