НАТО покрена истрага за кражба на податоци од доверливи воени документи кои хакерска група ги понудила на продажба на Интернет, јавува Би-Би-Си.
Податоците вклучуваат нацрти за оружје што го користеа сојузниците на НАТО во конфликтот во Украина, а хакерите го продаваа преку Интернет откако ги украдоа податоците од големиот европски производител на оружје, „МБДА Мишил Системс“, пренесе Би-Би-Си.
Мултинационалната компанија, чие седиште е во Франција, рече дека нејзините информации биле хакирани од надворешен хард диск и дека соработува со властите во Италија, каде што се случи пробивањето на податоците, но дека ниту една од доверливите датотеки не припаѓа на компанијата.
Во соопштението, портпаролот на НАТО рече дека алијансата „ги проценува тврдењата поврзани со доверливите податоци, наводно украдени од МБДА“.
Исто така, се наведува дека „нема индикации дека било која мрежа на НАТО е загрозена. Сајбер-криминалците, кои работат на руски и англиски форуми, продаваат 80 GB украдени податоци за 15 биткоини или околу 18.000 фунти и тврдат дека ги продале најмалку еднаш на засега непознат клиент, наведува Би-Би-Си.
Во својот оглас за продажба, хакерите тврделе дека имаат доверливи информации за вработени во компании вклучени во развојот на доверливи воени проекти, како и проектна документација, цртежи, презентации, видео и фото материјали, договори и кореспонденција со други компании.
Бесплатниот примерок од 50 MB од податоците, што го виде Би-Би-Си, вклучува документи означени со неколку различни нивоа на класификација што ги користи алијансата, како што се „НАТО доверливи, НАТО ограничени и некласифицирани контролирани информации“.
Покрај примерокот, криминалците испратиле и дополнителни документи преку е-пошта, меѓу кои и два со ознака „НАТО тајна“, јави Би-Би-Си.
Хакерите не потврдија дали материјалот потекнува од повеќе од еден хакиран извор.
Досиејата, кои британскиот јавен сервис не можеше независно да ги провери, детализираа „разузнавачка комуникациска мисија на американска воздушна ескадрила што беше извршена кон крајот на 2020 година во Естонија над Балтикот.
Се вели дека ги вклучува дневниците за повици, целото име, телефонскиот број и GPS координатите на лицето кое наводно е во центарот на операцијата.
Поранешен функционер на Алијансата изјави за Би-Би-Си дека има многу прекласификација во НАТО, но дека овие ознаки се важни и дека ознаката „НАТО тајна“ не се применува лесно.
Тој додаде дека има мали шанси документите да се декласифицирани, имајќи предвид дека повеќето досиеја се создадени во периодот од 2017 до 2020 година. Датотеките со примероци, исто така, содржеа презентација што изгледаше детално за внатрешната работа на проектилот Land Ceptor CAMM, вклучувајќи ја и прецизната локација на нејзината електронска единица за складирање, додава Би-Би-Си.
Се вели дека еден од нив неодамна бил испратен во Полска, за употреба во украинскиот конфликт, како дел од системот „Sky Sibre“ и е оперативен.
„МБДА Мишил Системс“ е создадена во декември 2001 година по спојувањето на компаниите за ракетни системи во Франција, Италија и Велика Британија. Минатата година оствари приход од 3,5 милијарди фунти, а како клиенти на вооружените системи ги има министерството за одбрана на Велика Британија, американската армија, Европската унија и НАТО, наведува Би-Би-Си.