Хамас објави ВИДЕО од киднапирана девојка, нејзината мајка го моли светот да ја вратат дома

од Stefanija Kuzmanovska
320 прегледи

Хамас објави видео од младата Израелка Маја Шем (21), која беше киднапирана на 7 октомври од музички фестивал, кога оваа милитантна група изврши инвазија на израелска територија. Нејзината мајка потоа одржа прес-конференција, молејќи го светот да помогне да се ослободи нејзината ќерка.

На видеото се гледа девојка на која раката ѝ е повредена, а раната се преврзува. Девојката потоа зборува пред камерата на хебрејски, наведувајќи дека се вика Маја Шем и дека е од централен Израел. Повремено гледајќи од страна, вели дека е во Газа и дека киднаперите се грижат за неа.

„Мојата рака е тешко повредена. Имав операција во болница во Газа, која траеше три часа. Се грижат за мене, ми даваат лекови, се е во ред. Единствено што сакам е што поскоро да бидам вратена дома кај моите родители. Изведете ме одовде што е можно поскоро. Ве молам“, рече Маја од заробеништво.

Ова е прва снимка од заложник објавен од Хамас откако пред точно 10 дена изврши напад врз Израел.

Фестивалот, кој се одржа во пограничната област со Појасот Газа, беше една од првите цели на Хамас. Стотици љубители на музиката се собраа на фестивал во пустината, а забавата беше прекината со крвопролевањето на Хамас, чии милитанти по случаен избор ги застрелаа младите посетители, додека некои од нив киднапираа и ги носеа во Газа како заложници.

Откако Хамас објави видео од киднапираната девојка, нејзиното семејство одржа прес-конференција во Тел Авив. Држејќи фотографија од нејзината ќерка, мајката на Маја, Карен Шарф Шем, рече дека го видела своето „малечко девојче на телевизија“ и дека веќе слушнала „гласини дека била застрелана во рамото или ногата“.

„Изгледа како да е преплашена. Изгледа како да има многу болки“, изјави мајката на заробената девојка.

„Го молам светот да го донесе моето девојче дома. Таа отиде на фестивалот само да се забавува, а сега е во Газа. Ова е злосторство против човештвото и сите ние треба да се собереме и да го запреме овој терор и да ги вратиме сите дома“, рече таа.

Мајката нагласува дека животот на нејзината ќерка е во опасност и дека ѝ е потребна лекарска помош.

„Мојата ќерка е борец, таа е воин. Низ многу работи помина во животот. Знам дека се бори и дека нема да се откаже. Таа има најголемо срце, таа ми е најдобра пријателка“, рекла очајната мајка и ѝ порачала на својата ќерка дека многу ја сака и само чека кога ќе ја гушне дома.

На медиумите им се обрати и братот на Маја кој рече дека само сака сестра му и останатите заложници да се вратат дома.

Слични содржини