Еврокомесарот Јоханес Хан ги посочи Грција и Бугарија како земји кои придонеле за политичката дестабилизација на Македонија со тоа што го блокираа почетокот на преговорите, кога за тоа имаше препорака од Европската комисија.

На прес-конференцијата пред средбата со премиерот Зоран Заев, Хан изјави дека очекува ЕУ и земјите членки да сфатиле дека незапочнувањето преговори со Македонија изминатите осум или девет години меѓудругото доведе до настаните кај нас изминатите две-три години.
Ова ги вознемири грчките и бугарските новинари во Брисел кои бараа објаснување од Хан дали тој вината за дестабилизацијата на земјата и за блокадата на интеграција на Македонија ја гледа во нив или во авторитаризмот на поранешниот премиер Никола Груевски, во спомениците, во лошото судство и недостигот од реформите.
„Не, одговорот лежи во одговорните луѓе во ПЈРМ. Но, ако политичката рамка и клима не беа во прилог на започнување преговори, тоа секако не беше од помош за нејзино стабилизирање и за нејзиното задржување на патеката на која беше пред десет години“, рече Хан.
Притоа тој потсети дека Македонија пред десет години беше најдобриот „ученик“ во регионот, а сега тоа не е случај и дека на тоа влијаел недостигот на конкретна перспектива.
„Соседите треба да имаат интерес и да придонесат земјата да се стабилизира и да се вклучи во оваа рамка“, им порача Хан на бугарските и грчките новинари.
Претходно тој најави дека на средбата со Заев клучна тема ќе биде имплементацијата на ургентните реформски приоритети, дека Рајнхард Прибе ќе дојде до крајот на овој месец во Скопје да ја испита ситуацијата, а во јули ќе дојде повторно со својот тим да ги рестартира реформските иницијативи. Реформите, според него, се изгубиле од фокусот последните месецие, но резултатот од нив и формирањето нова влада не се доволни за да добиеме повторно препорака за преговори есенва. Ќе бидат потребни и извесни одржливи и значајни чекори во однос на реформите, рече тој пред новинарите во Брисел.
.
На прашањето дали има шанси Македонија да почне преговори со ЕУ со ПЈРМ, како што се навестува за НАТО деновиве, Хан рече дека дека не сака да шпекулира околу тоа дека е преурането такво нешто, но дека ЕУ ќе направи сè да има некаков прогрес и барем да има решение за почнување преговори за членство со Македонија.
На прашањето дали денес ќе бара од Заев да го потпише Договорот за пријателство и соработка што го нуди Бугарија, Хан нагласи дека двата премиери, Заев и Бојко Борисов, имаа веќе контакт и дека имаат добри односи, со очекување оваа земја, што ја стави во „сите“, да сфатила колку блокирањето на преговорите ја дестабилизира Македонија.