Хан до Груевски: ЕУ не сака да се меша во одлуките за формирање влада!

од Vladimir Zorba
73 прегледи

Еврокомесарот Јоханес Хан, кој престојува во посета на Македонија, доцна синоќа се сретна со делегација на ВМРО-ДПМНЕ предводена од претседателот на партијата Никола Груевски.

133563406

На средбата станало збор за организирањето и резултатите од изборите, постизборниот период и обидите за создавање коалиција, како и за зрелоста на ситуацијата за нови парламентарни избори, коишто би се организирале заедно со локалните.

Соговорниците разговарале и за Законот за употреба на јазиците, Специјалното јавно обвинителство, платформата на албанските партии и ризиците од користењето на оваа платформа како начин за репреговарање на Охридскиот рамковен договор, како и за плановите и целите доколку ВМРО-ДПМНЕ формира влада, вклучувајќи ги и реформите, воспоставената практика за коалицирање во Македонија по принципот победник со победник, предностите и слабостите на широките коалиции и искуствата на Македонија со вакви коалиции.

Директорот на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ Иво Котевски вели дека ја искористиле можноста во детали да го запознаат еврокомесарот со случувањата и да ги аргументираат нивната политика и одлуки. ВМРО-ДПМНЕ, како што посочува Костески, ги презентирала своите позиции во однос на сите прашања користејќи ги аргументите, коишто во последните неколку недели ги презентирала и пред јавноста.

– Комесарот Хан ги изнесе своите размислувања, кои се идентични со неговите јавно искажани ставови на вчерашаната прес-конференција, како и низ формата на препораките што претходно беа испраќани преку прес-конференциите на портпаролите на ЕУ, при што беше нагласено дека ЕУ не сака да се меша во тоа кој со кого ќе коалицира и какви одлуки ќе донесат македонските партии во однос на креирањето колиција и влада, изјави Котевски.

ВМРО-ДПМНЕ, како што посочува Котески, е партија чија што платформа и стратегија е зачленување на Република Македонија во ЕУ.

На средбата присуствувале и Никола Попоски, Никола Тодоров, Влатко Ѓорчев, Илија Димовски и Александар Николовски.