Добрите вести за постигнатиот политички договор во Македонија сега треба да се материјализираат преку целосна имплементација на договореното, без одлагање, истакна еврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување Јоханес Хан на неформалниот состанок на министри за европски прашања, организиран во рамките на Советот за општи работи на Европската унија, кој вчера и денеска се одржа во Братислава, а на кој учествуваше и македонскиот вицепремиер за европски прашања Арбр Адеми.

Johannes_Hahn

Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, тој оценил дека во последните неколку недели има сериозен напредок во процесот на евроинтегации речиси во сите земји од регионот.

Претседавачот на форумот во име на Словачкото претседателство, Иван Корчак потенцираше дека проширувањето останува во фокусот на Европската Унија.

Вицепремиерот Адеми, кој учествуваше на министерскиот состанок на покана на Словачкото претседателство, во своето обраќање се осврна на сериозните предизвици со кои се соочува ЕУ во моментот како Брегзит, настаните во Турција, терористичките и безбедносните закани и можноста за ескалација на мигрантската криза, кои ќе бараат голема ангажираност и фокусираност од страна на европските институции. При тоа, тој изрази надеж дека и во тие околности сето тоа ќе придонесе за консолидација на политиките на ЕУ, со преземање мерки за спречување ризици во иднина и продолжување на успешни политики, пред се, на децениски докажаната успешна политика на проширување.

 

 

Слични содржини