Апасиев нема да ја поддржи Силјановска-Давкова во вториот круг, смета дека е можен тивок бојкот

од Nikola Popovski

ДПМНЕ се обидуваат да наметнат дека ако заокружиш 2 на претседателските избори, по дифолт мора 2 и на парламентарните. Вие можеби ќе ја гласате професорката (Силјановска-Давкова), можеби и Пендаровски ќе го гласате, но никој не ви брани да заокружите друг број на ливчето за пратеници, рече лидерот на Левица и носител во ИЕ1, Димитар Апасиев за двојните избори на 8-ми мај.

Апасиев истакна дека нема да ја поддржат Силјановска-Давкова во вториот круг од претседателските избори.

-Ние веќе „го јадевме“ еднаш со таква поддршка… Ја поддржавме на минатите избори, а за возврат добивме најгнасни инсинуации, забрани за гостувања, добивме хајки од нивните латасовци, миленковци, златевци… Тој филм веќе не го гледате. Не даваме јавна поддршка и го повикуваме нашето членство само да одлучи, рече лидерот на Левица во емисијата „Аргумент плус“.

Според Апасиев, можно е да има тивок или отворен бојкот на претседателските избори. Вели дека тоа ќе биде познато после пладне на изборниот ден, поточно после 14 часот најдоцна дали има организиран бојкот од страна на СДСМ или ДУИ.

Тој најави дека сите членови од Левица кои ќе бидат избрани како пратеници во следниот парламентарен состав, ќе имаат нула денари патни трошоци.

Апасиев очекува неговата партија да освои меѓу 8 до 12 пратеници.

Слични содржини