Хаос во австриското Министерство за здравство поради АЛКОХОЛ: „Изненадени сме“

од Stefanija Kuzmanovska

Вработените во австриското Министерство за здравство имаат проблем со алкохолот, тврди еден член на Кризниот штаб на оваа институција.

Од овој ресор порачаа дека се изненадени од ваквите тврдења и дека ќе работат на нивно расветлување.

Неименуван „инсајдер“ за виенскиот весник „Кронен цајтунг“, приложувајќи како доказ фотографија, навел дека вработените пијат во работно време. На сликите што ги достави се гледаат полни плакари со алкохолни пијалоци, полни пепелници, но и кофи со испразнети лименки пиво. Заедно со фотографиите, тој напиша дека не се работи за слики од ноќен клуб, туку за канцеларија во Министерството за здравство.

Неименувано лице наведува дека станува збор пред се за вработени во ИТ секторот и здравствената телематика, оддели кои работеле на развојот на „Зелениот пасош“, но и дека меѓу нив има повеќе одговорни луѓе од Кризниот штаб и одделот за информирање.

„Пијанството забави многу процеси, како и изработувањето на зелениот пасош, тврди „инсајдерот“ на весникот, додавајќи дека никој не сака јавно да зборува за тоа од страв да не ја загуби работата.

Од Министерството велат дека се изненадени од наводите, а по прегледот на видеото и фото материјалот, порачаа дека ќе работат на расветлување на настанот. Се посочува дека постојат јасни правила, кои предвидуваат дека пушењето е дозволено само во посебни простории, а алкохолот е забранет во работно време.

Слични содржини