Косовскиот премиер, Рамуш Харадинај, се огласи на „Фејсбук“ за акцијата на специјалната единица на косовската полиција РОСУ во Косовска Митровица. Тој напиша дека ацијата била во целосна согласност со законот и дека не е поврзана со каков било политички настан.

Харадинај ги повика граѓаните, политичките субјекти и градоначалниците да придонесат за одржување на јавниот ред.
„Денес, по налог на косовското специјално обвинителство, на северот на Косово е спроведена полициска операција за апсење на осомничени за убиството на политичарот Оливер Ивановиќ. Полициската акција беше во согласност со законот, и спроведена по наредба на специјалното обвинителство и на никаков начин не е поврзана со политичките настани. Ги уверувам сите граѓани дека потезите на Косово никогаш нема да бидат насочени против која било етничка или политичка група. Ги повикувам граѓаните, политичките субјекти, градоначалниците, особено на северот, да придонесат за одржување и унапредување на јавниот мир во служба на мирот и стабилноста. Важно е никој да не потпадне под влијание на разните дезинформации. Одржувањето на редот и почитувањето на законите е во интерес на сите на Косово“, напиша Харадинај на „Фејсбук“.
Владата на Косово соопшти дека акцијата во северниот дел на Косовска Митровица е поврзана со истрагата за убиството на лидерот на СДП, Оливер Ивановиќ, и дека не е насочена против ниту една заедница.