Лидерот на Алијансата за иднина на Косово, Рамуш Харадинај, официјално ја презеде должноста на претседател на косовската влада, од својот претходник, иса Мустафа.

Прв соговорник на новиот премиер ќе биде американскиот амбасадор во Приштина Грег Делави.
Владата на Харадинај избрана е во сабота со тесно мнозинство од 61 глас, три месеци по вонредните избори одржани на 11 јуни.
Новата влада има 21 министерство, од кои три ресори им припаднаа на Српска листа, како и едно потпретседателско место во владата и шест државни секретари.
Честитки од САД
Амбасадата на САД во Приштина денеска на новоизбраниот косовски премиер му го честита формирањето на Владата и вети поддршка за Косово во европските интеграции.
„Амбасадата на САД ја поздравува конституцијата на Собранието и формирањето на владата, и му честита на претседателот на СОбранието Кадри Весељи, на премиерот Харадинај како и на новоизбраните државни функционери и министри“, соопшти амбасадата.
САД ќе продолжи да го поддржува Косово на патот кон ЕУ, како и на јакнењето на владеење на правото, подобрување на економскиот развој и нормализација на регионалните односи.
ЕУ: Косовската влада да соработува со Белград
Канцеларијата на ЕУ во Косово, ЕУЛЕКС и шефовите на мисиите на ЕУ соопштија денеска дека Брисел очекува од новата косовска влада да игра активна и конструктивна улога во регионот и да соработува со Белград.
„Формирање на институциите во Косово, по неколку месеци политичка неизвесност, претставува важен чекор. Косово се соочува со многу тешки предизвици, вклучително и корупција и слабо владеење на правото, висока невработеност и ниско ниво на образовен систем“, се вели во заедничката изјава на eeas.europa.eu.
Аналитичари: Влада на стаклени нозе
Од друга страна, политичките аналитичари предвидуваат дека новата косовска влада на чело со премиерот Харадинај, нема да биде со долг век, или велат е на „стаклени нозе“, пишува Zeri.
Универзитетскиот професор Рахман Пацаризи вели дека владата е кршлива и ризикува нејзиниот мандат да биде многу краток. Според него, токму обидот владата да ги реши клучните теми може да бидат причина за нејзина пропаст. „Харадинајската влада ќе шета по раб и тоа може да биде привлечно од една страна, но многу опасно’, вели Пацаризи.
Уредникот на веб страницата Aktivpres novosti, Агрон Халитај, вели дека праксата покажала дека влада која нема стабилно мнозинство не може долго да трае, но дека нејзиниот животен век зависи од компромиси кои е волна да ги направи со српската заедница.
Косовската опозиција, пред се Демократскиот сојуз на Косово и Самоопределување се противат на изборот на новата влада затоа што сметаат дека поради поддршката на Српска листа нејзините одлучи ќе бидат во „рацете на Белград“.