Американскиот потпретседател и демократски претседателски кандидат Камала Харис им рече на приврзаниците на митинг во американската сојузна држава Невада дека го поддржува укинувањето на данокот за бакшиш за работниците за услуги и угостителство, откако републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп го стори тоа порано во обид да ги придобие работниците.
Харис и нејзиниот кандидат за потпретседател, гувернерот на Минесота, Тим Валц, во саботата ја завршија повеќедневната турнеја низ американските држави со средба во Невада, западна американска држава која би можела да има клучна улога на претседателските избори на 5 ноември, пишува Ројтерс.
Харис на митингот вети дека доколку биде избрана за претседател, ќе продолжи да се бори за работничките семејства, вклучително и зголемување на минималната плата и намалување на цените.