Хасановиќ: ВМРО ДПМНЕ во обид да се одбрани од растот на Левица отиде на нивен терен и падна во популистичко-националистичка замка

Владата ги потврди тезите на Ахмети со несмасното отварање на „Балансерот“ и Законот за употреба на албанскиот јазик, вели во разговор за „Локално“, аналитичарот Емир Хасановиќ

од Nikola Popovski
733 прегледи

Изборите во кои протагонисти би биле истите политички актери со неосвежени кадровски редови не се во интерес на граѓаните, ниту соодветствуваат на амбиентот во државата. Граѓаните бараат одговорност, бараат квалитет, бараат извонредни луѓе кои можат да замислат пред се една поинаква реалност а потоа и да работат во насока на реализација на таа замисла. Ниту една парламентарна партија нема таков капацитет, за жал, вели во разговор за „Локално“, аналитичарот Емир Хасановиќ откако вчера повторно од партиите имаше изјави околу евентуални предвремени парламентарни избори кои би се одржале наесен заедно со локалните избори.

Според Хасановиќ, не е вредно да се коментираат византиските игри помеѓу парламентарните партии без да имаме најави за реформи и нови лица кои навистина имаат што да понудат. Од друга страна, вели дека за жал не е ниту сјајна состојбата во сегашната Влада од кадровски аспект, па оттаму граѓанинот страда во секоја пермутација.

Соговорникот оценува дека ВМРО ДПМНЕ во обид да се одбрани од растот на Левица и останати политички актери кои имаат екстремни десни ставови, отиде на нивен терен и падна во популистичко-националистичка замка.

-Албанците со протестни гласови за ВЛЕН, предводен од поранешен челник на ДУИ ја испратија ДУИ во опозиција и Артан Груби во политичка пензија. Во албанскиот етер имаше моментум за реформирање на политичката мисла. За жал, Владата ги потврди тезите на Ахмети со несмасното отварање на „Балансерот“ и Законот за употреба на албанскиот јазик. Сега етничките теми повторно го доминираат албанскиот дискурс. Да бидам јасен, за се може да се разговара, но не под перцепција на некаков диктат или надмоќ. Друга ќе беше приказната да се отпочнаа разговорите во Собранието со широка експертска дискусија, придонес од меѓународната заедница, правната фела итн. Али Ахмети и ДУИ се речиси целосно рехабилитирани, во голема мера поради кратковидоста на Владата. Штетата на контото на ВЛЕН, допрва ќе ја видиме, објаснува Хасановиќ.

Сепак, аналитичарот додава дека во „Мала речица“ нема капацитет за реални политики, ниту има потреба да се занимава со нив бидејќи повторно се актуелизираат темите кои нив им носат најмногу гласови и за кои имаат најдобри аргументи.

-Ахмети има многу гревови, но и расипан часовник е во право два пати дневно. Во поглед на меѓуетничките динамики, според мноштвото граѓани Албанци, ДУИ е во право. Ова е дополнително зацврстено со скромниот коалициски колач на ВЛЕН и нивната незабележливост во самата Влада, заклучува Хасановиќ.

Пред два дена ВЛЕН најави мораториум на сите јавни политички активности на партиите што ја сочинуваат и соопшти дека отсега ќе делува како еден политички субјект. Претседателството кое веќе ја одржа првата средба е првиот заеднички орган на ВЛЕН. Моментално немаат избрано кој ќе биде претседател, туку само централното раководство од 23 члена – по 7 од секоја партија и 2 од движењето Самоопределување. Претседателот на сегашната БЕСА, Биљал Касами најави дека ќе настапат со заеднички советнички листи како една политичка партија, а исто така и со заеднички кандидат на локалните избори.

Од друга страна, министерот за здравство Арбен Таравари ѝ посака успех на ВЛЕН, владејачката коалиција во која до скоро беше дел како претставник на Алијанса за Албанците. „Ние како Алијанса ќе излеземе со наши сопствени листи и најверојатно со наши кандидати за градоначалници. Засега немаме одлука дека не сме дел од (пратеничката група на) ВЛЕН. Ако се иницира, имаме пет наши пратеници и тие ќе продолжат како пратеничка група и ВЛЕН ќе си има своја пратеничка група“, рече вчера Таравари. Тој појасни дека е против одржување на предвремени парламентарни избори. Според Таравари, има стабилно владеачко мнозинство, без разлика дали неговата Алијанса е дел од Владата.

За разлика од Таравари, пратеникот кој е дел од неговото крило, Халил Снопче истакна дека партијата не била поканета да учествува на вчерашното претседателство на ВЛЕН како единствен политички субјект. Според него, не одлучиле самоиницијативно да не присуствуваат.

„Јас не знам какви одлуки се донесени на состанокот и немам официјална потврда од собраниските служби дека 9-те пратеници од вкупно 14 на ВЛЕН поднеле барање за посебна пратеничка група. Се додека немам таква информација, не можам да коментирам. Но, ако тоа се случи, по автоматизам имплицира и пратеничка група на АА од петте пратеници“, кажа Снопче во изјава од Собранието. Пратеникот истакнува дека не гледаат проблем и доколку би биле во опозиција. Меѓутоа, општа констатација е дека доколку АА е надвор од Владата, тогаш неминовно доаѓа во прашање одржување на нови парламентарни избори.

„Несомнено дека Владата ги има бројките и без АА, но ќе биде нестабилна со само девет албански пратеници“, посочи Снопче.

„Владата ќе работи нормално и ќе има скоро двотретинска поддршка во Собранието“. Ваков е коментарот на пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО ДПМНЕ, на новинарско прашање за изјавата на Снопче од АА.

„Ние неколкупати сме кажале дека мнозинството неофицијално брои две-третини односно над 80 пратеници. Јас ве уверувам дека и покрај таа ситуација, доколку стане актуелна се случи, Владата ќе функционира сосема нормално и подобро од претходно. Ние сме подготвени во секој момент на предвремени избори, но таквите нема да ги има заедно со локалните“, одговори Стојаноски на новинарско прашање.

Н.П.

Слични содржини