Хелсиншкиот комитет со поддршка за саботниот „Марш на ангелите“ во Скопје

„Правдата за Кочани мора да биде навремена, целосна и транспарентна“, порачаа од Хелсиншкиот комитет за почетокот на судскиот процес за трагедијата во „Пулс“

од Nikola Popovski
11 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин

Хелсиншкиот комитет за човекови права соопшти дека ќе ја следи судската постапка поврзана со трагичниот пожар во импровизираната дискотека „Пулс” во Кочани, во кој животот го загубија 63 млади луѓе, а над 200 беа повредени. Основниот кривичен суд го закажа почетокот на главната расправа за 19 ноември, во судницата на Казнено-поправната установа „Идризово”.

Обвинителниот акт опфаќа 34 лица и три правни субјекти, меѓу кои поранешни министри, градоначалници, директори, инспектори и одговорни лица во фирмите поврзани со ноќниот клуб.

Хелсиншкиот комитет потсетува дека долготрајноста на постапките за кривични дела со тешки последици претставува повреда на правото на ефикасно судење, а секое одолговлекување ја продлабочува болката на семејствата и ја нарушува довербата на граѓаните во институциите.

Комитетот ја повикува судската власт да обезбеди јавна, правична и непристрасна постапка, целосна одговорност за сите кои со своите постапки или пропусти придонеле за трагедијата и заштита на достоинството на жртвите и нивните семејства во текот на процесот.

-Комитетот ја изразува својата поддршка на семејствата на загинатите кои на 15 ноември, (сабота) најавија Марш за правда во Скопје, кој ќе почне на Плоштад Македонија и потоа преку Собранието ќе заврши кај Основниот кривичен суд. Граѓанскиот активизам и мирниот протест се легитимни форми на изразување на незадоволство и на потсетување дека правдата не смее да биде одложена. Таа треба да е достапна за сите, без разлика на позицијата и влијанието на обвинетите, стои во соопштението на Хелсиншки.