Херберт Дис нов директор на Фолксваген групацијата

од desk2
170 прегледи

Надзорниот одбор на Фолксваген групацијата за извршен директор на групацијата го постави Херберт Дис, на местото на Матијас Милер.


Во соопштение по повод смената на директорот, Надзорниот одбор наведува дека одлуката за заминување на Милер е „заеднички донесена“ и дека стапува во сила веднаш.

Претседателот на Бордот директори, Ханс Дитер Печ изјави дека Милер „завршил извонредна работа“ за Фолксваген во кризниот период, дека ја зајакнал компанијата и дека сега е посилна од кога и да е.
– Поради тоа, Милер заслужува благодарност од целата групација, истакна Дитер Печ.
Новиот директор Дис на чело на групацијата доаѓа од матичниот бренд Фолксваген.

Надзорниот одбор, покрај именувањето нов директор, донесе одлука и за реорганизација на Фолксваген групацијата во шест светски региони, со Кина како посебна, седма област.

Групацијата ќе биде поделена и во три подгрупи, во првата ќе бидат големосериските брендови, во втората ќе бидат „премиум“ марките, а третата ќе ја сочинуваат „суперпремиум“ марките.

Новиот директор ќе биде задолжен и за развојно-истражувачкиот сектор на Фолксваген групацијата.