Времето кога една балканска земја можеше да дојде кај нас и да се жали на друга балканска земја е завршено – отприлика вака може да се толкува последното интервју на екс- амбасадорот на САД во Србија, Кристофер Хил. Според него, не треба повеќе да се очекува Америка да интервенира во решавањето на проблемите на Балканот. Тврди дека овој регион не е приоритет за САД, па затоа решенијата мора да дојдат одвнатре. Екс-амбасадорот потенцира дека идејата САД да бидат апсолутно ангажирани секој ден на Балканот ќе биде многу поинаква, а притоа додава дека Балканот и натаму ќе остане важен за нив. Од она што го кажува амбасадорот Хил може да се извлече заклучок дека САД завршија со Балканот и дека како утешителна награда ѝ ги предаваат ингеренциите на Европската Унија, откако претходно ја исклучија од сите крупни процеси на светско ниво.
Иако во интервјуто за РСЕ, Хил говореше за односите на релација Косово-Србија, сепак клучно за нас е прашањето со Бугарија и закочениот европски пат. Дел од македонската јавност очекува токму американска медијација за надминување на проблемите со соседот… Дали ваквите пораки од Хил значат и автоматски четири години изгубени во однос на проблемите со Бугарија и замрзнување на евроинтеграциите до најмалку 2030 година, го прашавме претседателот на невладината „Солуција“ и екс-шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров. Истакнува дека Хил е искусен дипломат, особено за овој дел од Европа и дека изјавата е дадена од улога на поранешен амбасадор.
-Неодамна, на одбележувањето на 30 години од потпишувањето на Дејтонскиот договор, заменик државниот секретар Кристофер Ландау, зборувајќи за БиХ, но и за регионот, испрати порака дека американското лидерство е клучно, дека САД ќе се тука, подготвени се да слушаат и да работат со сите засегнати страни, но дека потребно е и домашно лидерство за сите предизвици. Јас не гледам нешто страшно во таа теза – дека треба сами да сакаме да ги решаваме проблемите, вели Димитров за „Локално“.
Соговорникот смета дека изјавата на Хил е во насока на поттик да си ги земеме дизгините. Прво, посочува Димитров, имајќи ја предвид ситуацијата во светот и сите жаришта, се разбира дека приоритет за Вашингтон се местата каде што гори во моментов.
-Второ, после 30 години демократија добро и здраво е регионот сам да се соочува со сопствените проблеми и да ги решава со свои сили. Ова не значи дека поддршката од пријателите не ни е потребна, но за да има вистинско надминување на каков било проблем, неопходна е и изворна волја и подготвеност кај самите актери. Не може САД да го решат нашиот проблем со Софија. Можат да помогнат секако, но решението мора да го најдеме ние. Впрочем, и самата Европа е исправена пред слична одговорност да си ја преземе грижата за себе, наместо да се потпира целосно на трансатлантската врска, потенцира претседателот на „Солуција“.
Димитров не се согласува дека во власта би се „радувале“ на ваквите пораки кои доаѓаат.
-Зошто на ВМРО – ДПМНЕ би им одговарала помала вклученост на американската администрација, имајќи ги предвид нивните блиски односи со актуелното американско раководство!? Токму спротивно. Ниту на ВМРО – ДПМНЕ, ниту на земјава не им одговара целосно дистанцирање на нашиот најголем стратешки партнер. Во врска со тезата дека власта не сака влез на Северна Македонија во ЕУ – во тоа не верувам. Тоа е стратешка определба на сите главни политички чинители кај нас и тука дилемите се само околу патот што води до таму – дали сакаме вистински пат до членство, или само до следната меѓувладина конференција, истакнува екс-министерот за надворешни работи.
Димитров исто така не очекува дека Балканот ќе биде оставен сам на себе доколку избие и некој конфликт, во контекст на изјавата на Хил. Смета дека Балканскиот полуостров сепак има стратешки важна позиција – тој е своевидна раскрсница меѓу Истокот и Западот и нема да биде препуштен во таа смисла сам на себе.
-Но, да се повторам – белким толку научивме низ годиниве и низ страшните крвопролевања од блиското минато за да не мора никој да не учи и за сами да знаеме дека кога комшијата го гледаме низ нишан – самите ослепуваме, потенцира Димитров.
Н.П.