ХК: Народниот правобранител утврди дискриминација – „МВР нема капацитет да ја воочи состојбата во која ги доведува жените како мајки”

333 прегледи

Народниот правобранител утврди потежок вид на продолжена дискриминација од страна на Министерството за внатрешни работи врз полициска службеничка по основ на пол и род.

Хелсиншкиот комитет за човекови права во септември 2020 година поднесе претставка до Народниот правобранител поради дискриминација врз основа на пол и род врз полициска службеничка вработена во Единицијата за специјални задачи во Министерството за внатрешни работи. Имено, полициската службеничка, вработена во Министерството во 2013 година, се соочува со дискриминација на работното место поради неможност да напредува во кариерата ниту професионално и стручно да се обучува во работата.

Полициската службеничка, за време на нејзиното породилно отсуство, била со усна наредба распределена да работи канцелариска работа. По завршување на отсуството таа намерно била оставена да продолжи со работа во канцеларија како административен службеник, без да се води сметка за нејзиното барање да биде вратена во Единицата за специјални задачи, да продолжи со градење на нејзината кариера и да присуствува на предвидените тренинзи и обуки. Образложението на Министерството за внатрешни работи е дека тоа било сторено за нејзина заштита како жена и мајка.

Понатаму, Министерството во својот одговор го известиле Народниот правобранител дека полициската службеничка, од 18 јуни 2016 година до 13 април 2017 година и од 12 ноември 2018 година до 08 август 2019 година, користела породилно отсуство од работа поради бременост, раѓање и родителство  и во тој период таа не можела да биде унапредена. Меѓудругото, таа во временскиот период од 16 март 2020 година до 26 март 2020 година и од 04 август 2020 година па се до средината на септември ги користела мерките предвидени со одлука на Владата за заштита и превенција од Ковид -19 како мајка на деца до 10 годишна возраст. Со други зборови, таа за време на целокупниот нејзин работен стаж во Министерството не била во можност во целост да ги развие и унапреди своите професионални квалитети и работни способности.

Поради овие околности, службеничката до командирот поднела две барања за заштита од вознемирување на работно место, едното на 26 август 2020 година, а другото на 10 септември 2020 година. На ниту едно од барањата на службеничката не и било одговорено, а образложението на Министерството е дека со оглед на тоа дека на работничката не и било одговорено во законскиот рок од осум дена, таа доколку сакала можела да поведе судска постапка за заштита од вознемирување на работно место.

Во меѓувреме, полициската службеничка во септември 2020 година добила ново решение со кое се прераспределува на уште пониско работно место – полицаец во Одделението за обезбедување на објекти од посебно значење. На овој начин таа била повторно деградирана бидејќи и бил одземен додаток од плата. Министерството не дава никакво образложение зашто ја прераспределиле службеничката, односно тие наведуваат дека тоа било по потреба на Министерството. Оттаму, наводите дека таа била деградирана и дискримирана со распоредувањето ги сметаат за неосновани, од причина што станувало збор за поединечен акт, за што службеничката водела судска постапка во моментот.

Констатацијата на Народниот правобранител е дека од Министерството сами потврдуваат дека жените за време на породилното отсуство не можат да бидат унапредени бидејќи не присуствувале на тренинзи и обуки кои се задолжителни за полициските службеници. Ваквото системско решение, упатува жените да бидат соочени со мирување во нивната служба во Министерството доколку се решат да станат мајки и да забременат, со што нивната положба е многу понеповолна од положбата на мажите.

Понатаму, Правобранителот смета дека од Министерството воопшто не сметаат дека со новото прераспределување ја деградираат и дискриминираат службеничката. Наместо тие да ја поправат состојбата, тие ја распределиле службеничката на работно место кое можеби одговара со степенот и категоријата на нивото на нејзиното досегашно знаење, меѓутоа не е во корелација со досега извршуваните работни обврски на службеничката што е спротивно на Законот за внатрешни работи, каде што се предвидува дека прераспределувањето треба да биде на исто ниво и категорија, но на сродни работи.

Народниот правобранител утврдува дека во конкретниот случај работодавачот нема капацитет да ја воочи состојбата во која ги доведува жените како мајки, со што ги поставува на едно пониско ниво од мажите, односно ги оневоможува да напредуваат во кариерата подеднакво како мажите. Правобранителот утврдува дека работодавачот на овој начин сторил потежок вид на продолжена дискриминација по основ на пол и род, која трае и денес, и покрај упатените препораки од негова страна до Министерството за внатрешни работи со цел да бидат отстранети сите неправилности и недостатоци.

Хелсиншкиот комитет ја поздравува одлуката на Народниот правобранител и апелира до Министерството за внатрешни работи во најкраток можен рок да постапки по дадените препораки од страна на Правобранителот и да ја прекине долгогодишната пракса на дискриминаторски однос спрема полициските службенички вработени во рамки на Министерството.

Слични содржини