Холандија најави блокада на следниот чекор на Србија кон членство во ЕУ

од Nikola Popovski
190 прегледи

Холандскиот министер за надворешни работи Каспар Велдкамп најави дека Холандија ќе го блокира следниот чекор на Србија кон членство во ЕУ, наведувајќи ја загриженоста за подготвеноста на земјата за следната фаза од пристапниот процес.

„Гледаме дека нема доволен напредок во областа на владеењето на правото во Србија“, изјавил Велдкамп за новинарите во Брисел, како што пренесува „nltimes“.

„Истовремено, гледаме недоволен напредок во односите меѓу Белград и Приштина“, рекол тој.

„Србија има јасна одговорност. Гледаме дека земјата сè уште не ја усогласува доволно својата надворешна политика со надворешната политика на ЕУ“, додал шефот на холандската дипломатија.

„Велдкамп сака да ги убеди и другите влади во Европа да заземат став „за да не мора Холандија да биде оставена сама“, нагласил тој.

„Сега навистина сакаме да извршиме притисок врз Србија“, истакнал холандскиот министер.

Сепак, тој нагласил дека нема проблем Холандија да остане сама во блокирањето на Србија.

„Мислам дека е важно да му придаваме значење на развојот на владеењето на правото. Гледајќи ги загрижувачките случувања во Унгарија и делумно во Словачка, логично е навистина да можеме да поставиме барања до државата кандидат во областа на владеењето на правото“, рекол Велдкамп.

Минатата недела се одржаа собраниски расправи пред подготовката на извештајот на Европската комисија за напредокот на земјите кандидати за членство во Европската унија, а многу холандски политичари изјавија дека се против отворање на следниот чекор во пристапниот процес на Србија во овој момент.

Слични содржини