Холандската влада соопшти дека нема да им препорача на граѓаните да носат заштитни маски за да го забават ширењето на коронавирусот, сметајќи дека нивната ефикасност не е докажана.
Наместо тоа, владата ќе побара од граѓаните подобро да ги почитуваат мерките за социјална дистанца, бидејќи бројот на пациенти е во пораст оваа недела, рече министерката за здравство Тамара ван Арк.
„Бидејќи ефикасноста на маските не е докажана од медицинска перспектива, кабинетот одлучи дека нема да има никаква обврска да се носат немедицински маски“, рече таа по анализирањето на извештајот на Институтот за јавно здравје.
Оваа одлука е во спротивност со другите европски земји кои воведоа обврска да се носат маски во затворено, па дури и на отворено, пренесува Ројтерс.
Шефот на холандскиот Национален институт за здравство рече дека некои студии покажуваат дека маските помагаат во забавување на ширењето на вирусот, но дека институцијата не е убедена дека ќе помогне за време на тековната епидемија во Холандија.
Тој рече дека неправилното носење маски заедно со непочитување на мерките на социјална оддалеченост ќе го зголеми ризикот од пренесување на вирусот.